Достапни линкови

Се очекува мал одзив на гласачите


Во Босна и Херцеговина се одржуваат избори. Многумина аналитичари предвидуваат дека тие ќе резултираат со преродба на националистичките партии како во муслиманско-хрватската федерација, така и српскиот ентитет.

За четврти пат во изминативе шест години, гласачите ќе избираат членови на колективното претседателство и на таканаречниот себосански парламент. Исто така ќе се изјаснуваат и за парламентите на двата ентитета – на муслиманско-хрватската федерација и на Република Српска, за претседател и потпретседател на српската заедница и на десете кантонални собранија во Босна. Од првите повоени избори во 1996 година овие тела се избираа за период од две години и беа надгледувани од ОБСЕ. Сега тоа се менува – мандатот е четири години а одговорни за спроведувањето на изборите се самите босански органи. салих Фочо, професор по социологија на Универзитетот во Сараево предвидува мал одѕив на гласачите. Тој тоа го објаснува со апатијата што ги има зафатено посебно младите во Босна.

„Toчна е констатацијата дека во Босна ништо не се променило во последниве седум години, значи од потпишувањето на дејтонските спогодби.“

Според Фочо, политиката продолжува да има големо влијание врз секојдневниот живот, законите и институциите. Тој додава дека државните институции се комплетно парализирани поради нивната зависност од раководствата на политичките партии. Ова мислење го дели и социологот од Бања Лука Миодраг Живановиќ

„Тука може да се види дека и натаму ќе доминираат националните партии. Пред се еС Де еС,еС Де А и Ха Де Зе. Другите политички сили едноставно ќе мора да им се придружат и да влезат во постизборни коалиции, сојузи и блокови. Тоа ќе води кон враќање на сликата од 1991 година со што ќе ги блокираме шансите на иднината.“

Српската демократска партија која во 1990 година беше формирана од Радован Караџиќ се очекува да освои лавовски дел од гласовите во Република Српска. Што се однесува до Босанската федерација, според последните анкети, во тесна трка ќе бидат социјалдемократите на Златко Лагумџија и бошњачката партија за демократска Акција чиј почесен лидер е поранешниот претседател Алија Изетбеговиќ. Во трката е уште една национална партија, онаа на Харис Силајџиќ кој се очекува да стане боаснаки претставник во колективното претседателство. Хрватските гласачи во Босна пак остануваат верни на Хрватската демократска заедница.

„Сите партии, без малку, имаат идентични програми. Прашањето е што ќе направат со овие програми кога ќе дојдат на власт. Битно ни е тие програми барем делумно да бидат реализирани.“

вели Милка која е една од петстоините внатрешно раселени лица во Босна. Таа додава дека луѓето особено младите нема да гласаат бидејќи се се поскептични и со загубени илузии.
XS
SM
MD
LG