Достапни линкови

Воведување смртна казна


Единаесет години по укинување на смртната казна со новиот Устав, повторно се отвора прашањето за нејзино враќање со предлогот на полицискиот синдикат да се воведе смртна казна за кривично дело убиство на полицаец.

Македонското законодавство за тешки случаи како убиство на полицајци предвидува казна доживотен затвор, а таа е сосема соодветна за вакви дела, вели професорот по казнено право, Владо Камбовски:

„Тоа е оправдана реакција на полицискиот синдикат поради тоа што најголеми жртви во вооружените конфликти и потоа беа полицајците. Според тоа, јас го разбирам тоа барање на полицајците, меѓутоа, кај нас е тешко остварливо, затоа што уставот содржи забрана -таа забрана е апсолутна – за пропишување на смртна казна. И со тоа нашата земја се приклучува кон оние аболиционистички земји во светот кои се некаде околу половината од вкупниот број држави членки на меѓународната заедница.“

Камбовски посочува дека околу смртнтата казна се води и теоретска расправа дали е таа оправдана и корисна, при што преовладува ставот на аболиционистите, односно противници на смртната казна, бидејќи

„нема генерално превентивно дејство, бидејќи нема некоја голема разлика во криминалот во оние држави каде што се применува смртната казна, да речеме во САД каде што цути криминалот и во други држави каде што не постои смртна казна. Таа особено е проблематична во случаите на судска заблуда, кога не е во целост докажано извршувањето на делото.“

Токму поради тоа тој оценува дека нема потреба да се започне процедура за воведување на смртна казна за што треба да се иницираат и уставни промени, бидејќи кај нас Уставот содржи забрана за смртна казна која е апсолутна.

Меѓудругото, Македонија е потписник и на повеќе мегународни договори за аболиција на смртна казна.
XS
SM
MD
LG