Достапни линкови

Стар проблем со застрашувачки димензии


Присуството на нелегалното оружје во Македонија е стар проблем , тој е од регионален карактер и има застрашувачки димензии.

„Веднаш мора да се реагира сериозно, во соработка и договор со меѓународната заедница, затоа што и да има многу добри резултати во таа акција, тие ќе бидат за кратко време поиништени затоа што така не се постапува и во соседните држави – пред се во Косово, Албанија, Југославија, Босна и Херцеговина итн. Значи, проблемот е регионален,“

вели поранешниот министер за одбрана Благој Ханџиски.

Токму поради ова вистинбското прашање не е колку точно оружје има во Македонија туку колкаво количество им стои на располагање на оние што ќе посегнат по него:

„Количината на оруѓје којашто се заканува на регионот, а со тоа и на Македонија, е многу поголема и позначајна. Прашање еЧ каде се наоѓа ова оружје? Многу е веројатно дека е концентрирано во пограничното подрачје помеѓу Македонија и Албанија и Македонија и Југославија во делот со Косово. Тоа е таму за да можат да се избегнат контролите, а о друга страна лесно да се транспортира преку границата, ако се појави потреба од тоа.“

вели Зоран Јачев од Форум центарот за Стратешки истражувања. Тој како и другите познавачи упатуваат на проценките дека во Македонија има околу 700 илјади парчиња нелегално оружје. Различни се патиштата по кои тоа доаѓа во рацете на граѓаните на Македонија, но ефектот, секогаш е ист, оружјето надвор од контрола на државата ја загрозува нејзината безбедност и демократските процеси.

„бидејќи кога имате луѓе кои поседуваат оружје, тие можат да направат разни работи и да ги спречат нормалните демократски процеси и нормалното живеење во државата,“

оценува Јачев. Потребата за разоружување како приоритетен проблем за државава е работа што никој не ја оспорува. За успех на акцијата е потребен широк консензус на сите политички субјекти, јавното мислење и невладиниот сектор,

„Сите средства треба да се ангажираат за да се разреши овој проблем,“

вели Ханџиски. Светските искуства укажуваат дека процесот на разоружувањето никаде не оди лесно, затоа е потребно тоа да се стимулира

„Дали тоа ќе биде пари за оружје, работа за оружје, или нешто друго, не знам – луѓето треба да добијат нешто во замена за тоа оружје.“

предлага Јачев. Со ова се согласува и некогашниот генерал, а сега пратеник на ДУИ Гзим Острени.

„На Балканот и во Македонија повремено треба да има периоди кои ќе се прогласуваат како амнестија за враќање на оружјето што се поседува без дозвола. Во некои места се практикува тоа и да се откупува.“

Тој додава дека основен услов за условно кажано демилитаризација на земјава е враќање на довербата и чувството на безбедност во сопствената, правна држава.
XS
SM
MD
LG