Достапни линкови

Верификувани мандатите на 119 пратеници


На денешната конститутивна седница, по предлог на верификационата комисија, едногласно беа верификувани мандатите на 119 пратеници, а истовремено на досегашните членови на владата кои станаа пратеници им престана нивната функција, со што владата е во оставка и ќе ги извршува само најнеопходните функции.

Конститутивната седница беше бојкотирана од пратеничката група на ДПА, а така ќе биде се додека:

„Не се обезбедат сите услови сите припадници на ОНА да учсетвуваат во парламентот.“

изјави потпретседателот на ДПА Мендух Тачи. Инаку, на седницата отсуствуваа челниците на ДУИ, пратениците Али Ахмети, Гзим Остерни и Фазли Велиу, бидејќи така решиле партиските органи, изјави Теута Арифи која на прашањето, дали истите ќе го задржат пратеничкиот мандат вели:

„Тие се пратеници на овој парламент.“

Чедомир Кралевски од ВМРО-ДПМНЕ напомена:

„Пратениците Али Ахмети, Гзим Острени и Фазли Велиу со нивното неприсуствување на оваа седнива искажаа наспроти сите вас едно крајно непочитување на симболите на Република Македонија, на химната, на знамето и на тој начин искажаа еден нихилистички однос кој провејува во континуитет од нивните предизборни митинзи.“

Додека за одлуката на ДПА, во ДУИ велат:

„Не мора другите да се загрижуваат за нашите одлуки,“

изјави пратеникот Хисни Шакири. Поради непознати причини на денешната седница не присуствуваа ниту двајцата пратеници на ПДП и еден од НДП.

Специјалниот пратеник на ЕУ во Македонија, Ален Лероа изјави:

„Сведоци сме на многу важно заседание, ова е важен ден за Македонија. Се надеваме дека парламентот и идната влада ќе работат за доброто на Македонија, за нејзините граѓани и нејзината интеграција во ЕУ. Целата меѓународна заедница ќе биде секогаш тука за поддршка и за помош кога ќе е потребно,“

рече Лероа.

На денешната седница треба да биде избран и новиот претседател на собранието. Синоќа претседателството на СДСМ одлучи за претседател на собранието да го предложи Никола Поповски, бидејќи како што најави лидерот Бранко Црвенковски:

„Мислам дека ги исполнува сите услови од аспект на квалитет, на познавање на собраниската процедура, сопствен политички дигнитет, авторитет. Верувам дека тоа е добро решение, не само од аспект на СДСМ, туку и на парламентот во целина и на сите партии коишто се застапени во собранието.“

Инаку, во собранието во согласност со новиот деловник, треба да се изберат и двајца потпретседатели.

„Еден потпретседател ќе даде ДУИ, а еден потпретседател ќе го понудиме на најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ,“

изјави кандидатот за претседател на собранието Никола Поповски.
XS
SM
MD
LG