Достапни линкови

Професионализација на функцијата пратеник


Во новиот состав на Собранието ќе доминираат правници, економисти и инженери. Според податоците од партиските штабови на партиите овој парламентарен состав ќе го одбележат и седуммина филолози во кои доминират професори по албански јазик, но тука спаѓаат и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски и Илинка Митрева од СДСМ. Мал е бројот на пратеници кои по професија се градежни инжењери, архитекти, археолози, математичари. Бидејќи новиот закон за избор на пратеници предвидува професионализација на пратеничката функција, народните избраници ќе треба да се определат за една работа, односно да одлучат дали професионално ќе ја извршуваат функцијата пратеник или пак ќе се определат за својата професија.

Од коалицијата „За Македонија заедно“ петнаесеттина се универзитетски професори и асистенти. Некои од нив својата кариера на фактултетите ќе ја стават во мирување:

„Кога веќе сум се одлучила да бидам пратеник, законот ме обврзува да бидам професионален пратеник и тука нема избор.“

вели Каролина Ристова, асистент на Правниот факултет која објаснува дека сепак постои правна форма да бидат ангажирани во согласност со деканската управа со договор за дело:

„Ако сакаме да бидеме ангажирани на работа, тоа може да се направи со договор за дело. А ако не сакаме, тоа значи дека местото ни мирува и нашите колеги од факултетот не можат да ни забележат за тоа.“

Во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ доминират правниците, а кошаркарскиот репрезентативец Петар Наумовски вели дека сеуште размислува дали ќе остане во пратеничките клупи:

„Сето тоа ќе зависи од моите понатамошни ангажмани и од тоа дали ќе можам во целост да придонесам за исполнување на обврските спрема народот.“

Меѓу пратениците од редовите на Демократската унија за интеграција на Албанците најмногубројни се поранешните командати на ОНА, како Гзим Острени, Хазби Лика и други.

Правниците доминираат и во ДПА, а од двајцата пратеници на ПДП Абдурахман Алити исто така е правник, а Исмет Рамадани има диплома од придодно-математичкиот факултет.
XS
SM
MD
LG