Достапни линкови

Нема пречки пред почетокот


Нема никакви пречки за спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија кој по три одложувања конечно треба да се спроведе од 1 до 15 ноември годинава.

Државната Пописна Комисија ги има завршено речиси сите подготовки и активности за успешно спроведување на пописот, за таа цел во најмасовната статистичка акција во државава ќе бидат ангажирани повеќе од 11 илјади попишувачи.

Создавање на соодветни услови за попишување на раселените лица по минатогодишната криза во земјава, ќе биде приоритет на Пописната Комисја

„За раселените лица се води посебна постапка околу тоа како да се спроведе пописот. Во овој момент се вршат консултации со меѓународниот мониторинг на Евро-стат и се надеваме дека ќе ни бидат одобрени нашите иницијативи.“

вели Зоран Крстевски, претседател на Државната пописна Комисија. Освен лицата кои живеат на територијата на Република Македонија и кои се нејзини државјани, во пописот ќе бидат вклучени и лицата кои во времето на пописот, но најдолго една година од неговото спроведување се наоѓаат на работа во странство:

„Тоа е малку покомпликувана постапка. Во соработка со Министерството за надворешни работи ќе бидат остварени посебни активности околу отворањето на пописни места во одделни држави. Тоа бара и дополнителни финансиски средства во износ од околу 350 илјади долари и се надеваме дека министерството за финансии ќе ги обезбеди тие средства.“

потенцира Претседателот на пописната комисија.

Еден месец порано од вообичаениот термин за спроведување на пописната акција

„Од 1 до 15 октомври пописот ќе биде спроведен во казнено-поправните домови и во Армијата на Република Македонија, што значи сите инструменти за реализација на пописот во овие две установи веќе се подготвени. Пописот ќе се спроведува на три вида обрасци – на македонски, македонско-албански и на останатите пет јазици.“

вели Ајрија Чаушевска, заменик претседател на бирото за попис во Државниот завод за статистика.

Инаку, спроведувањето на најмасовната статистичка акција во државава ќе биде набљудувана од повеќе меѓународни организации.
XS
SM
MD
LG