Достапни линкови

Приватизацијата промашена уште на стартот


Македонија е земја со најдолг процес на приватизација од земјите во транзиција. До сега поминаа осум години, а пресметките се дека до финиширањето на овој процес ќе биде потребен период од најмалку уште една година.

„Основниот недостаток на македонската транзиција е што никогаш немаше издржана расправа за тоа што ние всушност сакаме. Мислам дека она што фалеше кај нас се вика нејасна, конфузна дефиниција на општествената сопственост,“

е ставот на професорот од економскиот факултет Љубомир Кекеновски. Воените дејствија, економските блокади, ембаргата се само дел од причините за бавното одвивање на процесот на приватизација.

„Она што всушност го одредува позитивниот исход на приватизацијата е моделот.“

Грешката е направена на самиот почеток. Македонија го прифати моделот на платена приватизација или така наречен „менаџмент бај-аут“. Според начинот на кој беше поставено стопанството во 90-тите години, требаше истото да се приватизира по моделот работничко акционерство, кој веќе беше започнат, тврди Кекеновски.

„Фабриките веќе беа делумно приватизирани, односно работниците поседуваа акции. Тоа беше веројатно еден од највистинските модели.“

Модераторите на овој модел го испуштија од предвид фактот дека приватизацијата сама по себе не носи ефикасност. Според поставеноста, на работниците од самиот почеток им беше ускратена можноста и тие да бидат носители на сопственичката структура на претпријатијата што се приватизираат.

„Ставате надвор од игра 99 насто, од оние што се протагонисти на економската транзиција, без разлика дали се тие работници во здравството, во образованието или во самото производство. Заради тоа што тие со тој концепт на „менаџмент бај-аут“ немаа шанси да управуваат.“

Законот за приватизација што во текот на процесот неколкупати беше дополнуван не успеа да го регулира односот на правата и обврските што ги добива и што треба да ги реализира менаџерската елита.

„Нашите бизнис елити всушност го лажираа целиот процес. Тие ги откупија фирмите, ги препродадоа на други атрактивните делови од фирмите. Ги ослободија работниците кои си отидоа дома како технолошки вишок, а тие останаа да живеат со тие тантиеми, со ренти, со камати.“

Во моментов остатокот од државното портфолио акции што ги поседува Агенцијата за приватизација се проценува на 300 милиони евра, по чија продажба ќе се констатира дека процесот на приватизација во Македонија е конечно завршен.
XS
SM
MD
LG