Достапни линкови

СДСМ за двојна формула, ДУИ за зачувување на името


Решавањето на спорот со Грција за името на нашата земја треба да се изведе со таканаречената двојна формула, велат во Социјалдемократскиот Сојуз:

„Ставот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија околу проблемот со името што го имаме со Република Грција е јасен и недвосмислен ние се залагаме за тнр. двојна формула – од сите членки на Обединетите нации да се употребува името Република Македонија, а со Грција да бараме компромис и име кое ќе биде прифатливо во комуникацијата помеѓу нашите две држави.“

изјави Владо Бучковски. Партијата што освои најмногу гласови во албанскиот блок Демократската Унија за Интеграција за која се очекува да стане иден коалиционен партнер во извршната власт со поддршка за зачуваување на уставното име, рече Азис Положани

„ДУИ ќе има мошне коректен и позитивен став и тој ќе биде во насока на одржување на името на Македонија. Мислам дека тоа треба да биде предмет на решавање на нивните граѓани и ние би дале наш придонес кон реализацијата на идејата Република Македонија така да се вика во сите меѓународни структури и институции.“

Проблемот со името е политички проблем и за него е потребна политичка воља, оценуваат експертите. За професор Димитар Мирчев има индиции дека прашањето наскоро ќе биде решено:

„Некој компромис мора да има. Не може да очекуваме дека тие ќе си го зменат мислењето и ставот, барем не за толку брзо време, а од друга страна ниту тие можат да очекуваат ние да промениме нешто радикално, така што компромис мора да се најде. Зреат работите и во Грција и тоа не е врзано со нова или стара влада, така што јас сум оптимист дека до крајот на годината може нешто да се постигне.“
XS
SM
MD
LG