Достапни линкови

Протоколарни средби, детали од разговорите нема


Продолжуваат средбите на странските амбасадори во земјава со лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски. На разговори кај него денеска се појавија амбасадорот на НАТО во Македонија Николас Бигман, Директорот на Дирекцијата на НАТО за Југосисточна Европа Роберт Сери и грчкиот амбасадор кој воедно е и преставник на претседателството на ЕУ во Македонија Јоанис Иконому.
Според Роберт Сери станува збор за протоколарна средба со лидерот на СДСМ, но не сакаше да каже за што разговарале.

„Ние како НАТО дадовме изјава дека сме среќни поради мирните избори и со новите можности што се отворени за спроведувањето на охридската агенда и мировниот процес во вашата земја - НАТО останува насочен на ова. Така што логично е што генералниот секретар на НАТО Робертсон сакаше директорот на дирекцијата за Балкан да дојде тука и да разговара со некои луѓе. Се разбира во таа смисла за мене беше многу интересно да дојдам и да се сретнам со Бранко Црвенковски, но нема да кажам ништо за разговорите.“

рече Сери.

Странските амбасадори не вршат притисок врз нашата партија, изјави генералниот секретар на СДСМ Ѓорѓи Спасов:

„Средбите се несомнено во насока што тие ја изразуваат својата заинтересираност, Македонија да добие стабилна влада што ќе може не само да го имплементира рамковниот договор, туку и да обезбеди подолгорочна стабилност, борба против корупцијата и ништо повеќе од тоа.“

Според него меѓународните преставници нема потреба да посредуваат во престојните разговори со ДУИ за составувањето на новата влада бидејќи:

„ние можеме да оствариме нормална комуникација со секој легитимен политички субјект во нашата држава.“
XS
SM
MD
LG