Достапни линкови

Ален Лероа, специјален пратеник на ЕУ во Македонија. На Македонија и треба оптимизам и доверба во сопствените сили


Амбасадоре Леруа постојат обвинувања за изборни манипулации па дури и за вмешаност на Меѓународната заедница во тоа?

Меѓународната заедница не би можела ниту да замисли да биде дел од манипулациите. Со тоа би бил загрозен нашиот кредибилитет и тоа е смешно и повеќе од глупаво. Ако имало инциденти постои легална процедура за да се утврди вистината. Сакам да кажам дека меѓународната заедница е многу задоволна од начинот на кој се спроведени изборите - со целосен мониторинг, а работата на ДИК беше одлична и тоа не го кажувам само јас туку и експертите на ОДИХР.

Сметате ли дека најтешкиот дел од кризата е зад нас?

Така мислам, морам да кажам. На неколку точки е направен напредок - кога дојдов на 23-октомври полицијата не беше присутна во кризните региони - сега таа е присутна во сите села, можеби не со целиот капацитет, признавам, но сепак полицијата е таму. Второ намален е бројот на бегалците од 170 илјади на десетина илјади. Потоа, повеќето закони од рамковниот договор се усвоени, но сепак останува тие да се имплементираат, тука е и пописот во ноември. Изборите што беа дел од охридскиот договор поминаа на мирен и демократски начин и би сакал да ја пофалам владата која овозможи тие така да бидат спроведени. Но, сепак знаеме дека ситуацијата е сеуште тешка од економски аспект. Потоа владата сеуште не е формирана и треба да видиме во следниве недели дали ќе биде лесно нејзиното формирање. Сеуште не е коституиран новиот парламент и според мое мислење во Македонија сеуште има премногу оружје, така што доста работа уште претстои. Но, знаете јас секогаш бев оптимист за Македонија. Мислам дека на Македонија и е потребен оптимизам, самодоверба и доверба во сопствените сили. Македонија има голем потенцијал и тоа го покажа на овие избори со одзив над 70 насто.

Амбасадоре Леруа заврши ли вашата работа во Македонија?

Од политички аспект господин Солана смета дека сеуште е важно, веројатно до средината на идната година, да се има специјален европски претставник во Македонија кој ќе се грижи за целосно имплементирање на мировниот договор и доколку е потребно да го олеснува политичкиот дијалог со сите партии што се во него вклучени. Истовремено мислење што преовладува во голем дел на европски земји е дека присуството на војниците на НАТО на теренот беше мошне корисно во стабилизирањето на ситуацијата. Се разбира на владата и на претседателот е да решат дали сакаат ова присуство да биде продолжено по 26-ти октомври, но мое лично мислење е дека сеуште е важно тие да бидат присутни веројатно до средината на идната година . Што се однесува до мојот мандат тој завршува во октомври. Во понеделник министерскиот совет во Брисел ќе го избере мојот наследник и тој ќе ја преземе функцијата од крајот на октомври. Иако мојата мисија завршува јас ќе продолжам да и бидам предаден на Македонија ќе бидам ваш амбасадор каде и да сум.
XS
SM
MD
LG