Достапни линкови

Американски план за сили за брза интервенција на НАТО


Американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд вчера во Варшава на НАТО сојузниците им ги презентираше плановите на Вашингтон за формирање нови сили на Алијансата за брза интервенција. Станува збор за дваесет илјади војници од Соединетите Американски Држави, Канада и Европската Унија кои би биле подготвени за една недела воено да дејствуваат насекаде во светот.

Американскиот секретар Доналд Рамсфелд образложи дека со овие сили НАТО поподготвено ќе може да се соочи со безбедносните проблеми на новата ера, односно со опасностите од глобалниот тероризам. Сепак, ваквите планови, според експертите, би можело да ги запре оние претходните на Европската Унија за создавање европски сили за брза реакција. Директорот на Институтот за меѓународни мировни истражувања од Стокхолм Алисон Бејлис смета дека европските партнери ќе треба да разгледаат, како што вели таа, политичките пораки закачени за овие американски планови.

„За повеќето европејци ќе биде важно кои се политичките импликации на ваквата покана за придружување кон новата американска безбедносна доктрина.“

вели Бејлис која додава дека таквата доктрина подразбира дека Соединетите Држави би можело да преземаат превентивни акции за своја одбрана и за одбрана на сојузничките интереси од заканите на терористите. Според неа, не сите европски партнери ќе се согласат со таквиот начин на размислување. Јан Кемп од Џејнс интелиџенс групата се согласува дека сојузниците ќе имаат забелешки.

„Мислам дека е малку веројатно дека сите 19 сојузнички ќе го прифатат предлогот со кој треба да се обврзат да земат дел од некоја НАТО воена акција надвор од сегашното подрачје.“

Американскиот план доаѓа во време кога Европската Унија е зафатена со внатрешни несогласувања околу сопствените сили за брза реакција. Некои европски коментатори на предлогот на Вашингтон гледаат како на потег на ривалство спрема Унијата. Но, аналитичарот Кемп ги отфрла таквите мислења велејќи дека силите за брза реакција што ги предлага Америка можат да придонесат и за развој на воените капацитети на Европската Унија. Александра Ешборн, воен експерт од Лондон вели дека по терористичките напади во минатиот септември, Вашингтон ги намали своите забелешки за тоа како Европа ги развива нејзините воени капацитети.

„Настаните во Ирак претставуваат тест за тоа дека има времиња кога не е неопходно Европа и Америка да сакаат да бидат инволвирани во исти кампањи.“

вели Ешборн, додавајќи дека сегашната ситуација ја покажува вредноста на концептот за независни европски воени капацитети.
XS
SM
MD
LG