Достапни линкови

logo-print

Подобрена соработка меѓу УНМИК и АРМ


Соработката меѓу македонските надлежни инстанци со УНМИК И КФОР од косовската страна на границата е значително подобрена и тоа се рефлектира на теренот оценуваат во македонските министерства за одбрана и за полиција. Портпаролот на АРМ Зоран Секуловски вели:

„Во последно време евидентно е дека од двете страни – и од страната на КФОР, и од наша страна – границата е добро чувана, што значи дека во последно време сосема намален е интензитетот на илегални преминувања на границата. Има и исклучоци, меѓутоа, тоа се во некои очекувани норми.“

Со сличен став е и претставникот на министерството за внатрешни Воислав Зафировски:

„Има далеку посоодветна, би рекол, соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и УНМИК. Ние имаме редовна комуникација со нив во делот на размената на информациите и податоците за организираниот криминалитет, а особено во борбата против тероризмот, борбата против трговијата со луѓе и шверцот со оружје и опојни дроги.“

Добрата соработка ја потврдуваат и во УНМИК, а се најавува и нејзиното формално-правно регулирање.

„Ова ќе биде финализирано во форма на меморандум за разбирање. Потоа ќе следува размена на писма меѓу УНМИК и властите во Скопје,“

вели портпаролот на УНМНИК Андреа Ангели.

Во МВР очекуваат дека ова не само што ќе ја засили соработката туку и ефикасноста во спречувањето на сите облици криминал во пограничниот дел,

„Ваквата соработка е нужна ако ја имаме предвид заедничката цел, заеднички да помогнеме и да придонесеме за стабилизирање на овој невралгичен регион.“

рече Воислав Зафировски.
XS
SM
MD
LG