Достапни линкови

logo-print

Еден пратеник повеќе за ВМРО-ДПМНЕ и ЛП на сметка на „За Македонија Заедно“


ДИК денеска одлучи да се повтори гласањето во селата Лешок и Орќуше што се наоѓаат во изборната единица шест, односно тетовско-гостиварскиот регион. По прегласувањето на овие две изборни места што ќе се одржи на 29-ти септември постои само теоретска можност да се влијае на бројот на пратеничките мандати.

Инаку, ДИК на синоќешната седница по прифаќањето на повеќе приговори констатира промена во бројот на пратеничките мандати. Коалицијата ВМРО - ДПМНЕ и ЛП добива еден мандат повеќе, односно 34, а коалицијата „За Македонија Заедно“ 59 пратенички места. Портпаролот на ДИК Зоран Таневски објаснува дека промените се:

„Во изборната единица број еден, каде што коалицијата За Македонија Заедно има еден мандат помалку, односно наместо 13 сега 12, а коалицијата ВМРО - ДПМНЕ и ЛП има еден мандат повеќе, односно наместо претходните четири, сега има пет мандати.“

Тој посочува дека во останатите изборни единици нема да се смени бројот на пратенички мандати.

Во рокот за разгледување на приговорите ДИК прифати три приговори на коалицијата „За Македонија Заедно“ што се однесуваат на утврдувањето на резултатите од гласањето во третата, четвртата и шестата изборна единица. Со ова коалицијата покрај утврдените гласови, во штипската изборна единица доби дополнително околу 300 гласови, во струмичката околу 700, во тетовската околу 200.

Со прифаќањето на приговорот на ВМРО-ДПМНЕ и ЛП којшто се однесуваше на вкупните резултати од скопскиот регион оваа коалиција доби уште околу 400 гласа, а беа одбиени нејзините приговори за првата и шестата изборна единица со кои се бараше прегласување во повеќе избирачки места.

ДИК го уважи и проговорот на НДП и констатира неправилности во внесувањето на резултатите. Највисокиот изборен орган ги прифати и приговорите на ДПА и СПМ, вечерва истекува рокот до кој врховниот суд требаше да ги разгледа жалбите од политичките партии кои се однесуваат на процедурата за гласање по што почнува да тече рокот за поднесување жалби за вкупните резултати од изборите.
XS
SM
MD
LG