Достапни линкови

Употреба на сите неопходни средства против Хусеин


Во предлог резолуцијата што Буш ја упати до Конгресот се бара одобрување за употреба на сите неопходни средства, вклучувајќи ја и интервенција против режимот на Садам Хусеин – обвинет за производство на оружје за масовно уништување. Советот за безбедност мора да работи заедно со Соединетите држави, Велика Британија и другите загрозени земји за да се испрати јасна порака дека од Садам Хусеин се очекува да го разоружа Ирак, изјави американскиот претседател Џорџ Буш.

„Доколку Советот за безбедност на Обединетите Нации не сака да се справи со проблемот тоа ќе го сторат Соединетите држави и некои од нашите пријатели.“

Франција и Русија не гледаат потреба од нова резолуција за Ирак во Обединетите нации што ја посакува администрацијата на Џорџ Буш. Американскиот претседател се обидува да ги разубеди министрите за надворешни работи и одбрана на Русија Игор Иванов и Сергеј Иванов кои се наоѓаат во Вашингтон. Според потрпаролот на Руската Дума Генадиј Селезњев пак заканите кон Ирак се несоодветни.

„Поентата е дека Ирак не е Авганистан. Американскиот план нема да функционира според авганистанскиот модел.“

Русија смета дека инспекторите за оружје можат да утврдат дали Ирак поседува оружје за масовно уништување, додека Американците и натаму се скептични во врска со средбата на шефот на тимот на инспекторите за оружје Ханс Бликс со ирчки официјални лица за враќање на инспекторите што треба да биде одржана на 30 септември. Наџи Сабри портпаролот на ирачкото министерство за надворешни работи во Обединетите Нации изјави дека Ирак не поседува нуклеарно , биолошко или хемиско оружје. Тој смета дека целта на Соединетите Држави против Ирак е економска.

„Американската администрација сака да го уништи Ирак со цел да ја контролира нафтата на Блискиот Исток, како и да ги контролира економските политики на целиот свет.“

Официјален Вашингтон од своја страна не му верува на Багдад дека не поседува оружје за масовно уништување сметајки го за блеф предлогот за враќање на инспекторите на Обединетите Нации во Ирак.
XS
SM
MD
LG