Достапни линкови

Се соочува ли Русија со нов култ што се гради околу Путин?


Поддршката што рускиот претседател Владимир Путин ја има во јавноста никогаш не е под 70 насто, иако истовремено рејтингот на руската влада е многу понизок. Со искуството на култот на личноста во минатото познавачите на руските прилики ја отвараат дилемата – се соочува ли Русија со нов култ што се гради околу претседателот Путин.

Пред една година високо-тиражната руска „Правда“ иронично обзнани појава на нова категорија пациенти во ментални болници – жени што лудо се заљубени во претседателот Путин. Претходно сосема непозната музичка група наречена „Пеејќи заедно“ составена само од девојчиња направи метеорска кариера со песната „Некој како Путин“, каде што претседателот се опишува како идеално момче. Ботаничарот Николај Јегоров работи на пронаоѓање нов вид домат отпорен на замрзнување. Новиот вид ќе се вика Владимир Путин. Во меѓувреме во Русија можете да купите Путин-лижавче, или сладолед со исто име. Но оние со подолго паметење се прашуваат што е следно? Ќе не осамне ли некое утро огромен портрет на Путин како некогаш на Сталин? Се јавува ли новата руска икона во ликот на младиот претседател? Според политичкиот експерт за Русија Питер Данкан нема причина за загриженост. Администрацијата во Кремљ е далеку од она што била некогаш:

„Се согласувам дека сево ова изгледа како класичен култ на личноста од времето на Сталин или подоцна Брежњев. Но, всушност Русија е страшно многу сменета од тогаш. Државата веќе нема капацитет да организира таков вид на култ на личноста како некогаш. Русија веќе не е тоталитарна држава.“

Според Данкан зад идеализацијата на Путин не стои некоја кампања спроведувана од страна на државата, но сепак можно е одредени луѓе во администрацијата или на регионално ниво да се обидуваат да добијат политички поени со создавање силен имиџ на претседателот. Слично размислува и заменик уредникот на весникот „Новие Известија“ што често го критикува Путин Ото Лацис:

„Тука нема култ на личноста. Путин може да биде критикуван. Тој не реагира многу на критиките, но ние ја имаме таа можност.“

Млад и решителен – се придавките што најчесто се спомнувани кога луѓето во Русија говорат за својот претседател , речиси исто онолку чести колку и фактот дека станува збор за поранешен службеник на КаГеБе. Но, за луѓето воспитувани во Советскиот Сојуз поранешната разузнавачка служба го нема страшниот предзнак- така што противречностите во минатото на Путин се негова предност

„Но најмногу од се, околу него нема трага на корупција, онака како што за жал ја има околу многу руски политичари од минатото.“

вели политикологот Данкан. Путиновото патриотско потекло, но и реформистичкиот кредибилитет, како и неговата исклучително секојдневна појава овозможува со него да се поистовети обичниот руски човек.

„Луѓето – едноставните, обични гласачи – не се обврзани да мислат политички ниту логички. Тие работат според поинаква логика. Тие сакаат личноста да има лик – персоналитет.“

заклучува уредникот на „Новие Известија“ Ото Лацис.
XS
SM
MD
LG