Достапни линкови

Повик до Советот за безбедност да се преземе акција


Во вчерашниот говор пред Генералното Собрание на Обединстите Нации американскиот претседател Џорџ Буш, изразувајќи разочарување и аларм, изјави дека ирачкото повеќегодишно противење на резолуциите на Советот за безбедност го доведоа под прашалник кредибилитетот на Светската организација. Но, неговиот повик до Советот да преземе акција беше одобрен од повеќето клучни членки на Обединетите Нации како сигнал дека Вашигтон има намера да ја ангажира меѓународната заедница во барањето заедничко решение за Ирак. Франција една од постојаните членки на Советот за безбедност веќе сугерираше тринеделен период во кој Ирак треба да попушти. Шефот на француската дипломатија Доминик де Вилпен изјави дека Париз се согласува со Вашингтон оти Ирак претставува закана.

„Ирак се противи на авторитетот на Советот за безбедност, се заканува со ново ширење на оружјето за масовно уништување и продолжува да преставува закана за меѓународната безбедност.“

рече Вилпен, додавајќи дека сега е на Советот за безбедност да презентира заеднички фронт околу Ирак што пак, ќе обезбеди поголема меѓународна поддрѓка за неговите натамошни акции. Најавата на Буш дека околу Ирак ќе соработува со Обединетите Нации беше поздравена и од Британија, како и од сегашните непостојани членки на Советот за безбедност. Тие изразија надеж дека Светската организација ќе ја спречи војната против Ирак со испраќање свои испектори за оружје во таа земја. На овој став се и Русија и Кина, повторувајќи дека ирачкото прашање треба да се реши во рамките на Обединетите Нации. Андерс Расмусен министер за надворешни работи на Данска која е актуелен претседавач на Европската Унија изјави дека Унијата е детерминирана да ги поддржи натамошните напори на Обединетите Нации околу разоружувањето на Ирак.

„Се согласуваме со Соединетите Држави дека прашањето треба итно да биде решено во Советот за Безбедност кој мора да се соочи со неговите одговорности.“

рече Расмусен. Вчерашниот говор на американскиот претседател пред Генералното собрание беше критикуван од ирачкиот амбасадор во Обединетите Нации Мохамед ал Дури кој оцени дека станува збор за серија фалсификати.

„Ќе бев задоволен доколку американскиот претседател зборуваше за неговите вистински мотиви: одмаздата, нафтата, личните амбиции и безбедноста на Израел.“

изјави Ал Дури. Генералниот секретар на Арапската Лига Амр Муса, наведувајќи дека не се исцрпени можностите за дипломатско решение на проблемот, побара продолжување на разговорите за враќање на инспекторите во Ирак. Според некои најави, Советот за безбедност сега најпрвин би можело да предложи почетна резлуција само околу ова прашање која, доколку Ирак ја отфрли, би била проследена со друга.
XS
SM
MD
LG