Достапни линкови

Влатко Ѓорчев, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. Изборите важни за македонската демократија


Од какво значење се парламентарните избори 2002 за иднината на Македонија?

Парламентарните избори оваа година имаат важно значење за македонската демократија. Се работи за еден низ на избори, почнувајќи од 1990, па преку 1994 и 1998 година, и мислам дека сега би требало да имаме една етаблирана македонска демократија иситуација каде што ќе имаме изборни резултати коишто нема да бидат оспорувани од никого. Значи, она што и е потребно на Република Македонија е да имаме стабилен демократски процес, стабилна демократија која што понатаму ќе овозможи стабилизација на состојбите во општеството. Мислам дека Македонија може да одговори на ваквиот пристап и дека сите македонски граѓани ќе бидат вклучени во тоа. Исто така, се очекува главната тема на овие избори да биде економијата и да се понудат решенија за економските состојби во Македонија. Мислам дека политичките субјекти ќе можат да ги препознаат овие потреби на граѓаните на Република Македонија и да најдат политичка опција којашто токму ќе ги решава овие проблеми, не исклучувајќи ги, нормално, и безбедносните аспекти на целокупните состојби во Македонија и во регионот пошироко.

Каква е перспективата на меѓуетничките односи во мултиетничка заедница каква што е Македонија?

За Македонија од исклучителна важност се меѓуетничките односи. Тие можат да бидат стабилизатор на состојбите во Македонија, но исто така можат да бидат и извор на дестабилизација и конфронтација во нашето општество. Она што во моментов е важно за Македонија е враќањето на мерките на доверба – една состојба во којашто ќе имаме поизвесни односи, без етничка демонизација. Но, од друга страна, треба јасно да се лоцира проблемот што доаѓа во Македонија, а тоа е албанскиот тероризам и екстремизам во регионот. Во моментот тоа е главната закана за стабилизацијата на состојбите и на Косово, и во Јужна Србија и во Македонија. Колку побрзо се разреши тој проблем, во соработка со меѓународната заедница, толку побрзо ќе имаме стабилизација на состојбите. Мислам дека македонското демократско општество ќе има едноставно толкав капацитет овие прашања да не ескалираат, зашто имаме поуки од минатото и мислам дека работите нема да ескалираат.

На кој начин Македонија ќе обезбеди позабрзано асоцирање во Европската унија и членство во НАТО?

Владата на ВМРО-ДПМНЕ и на ЛП беше онаа политичка гарнитура којашто обезбеди пристапување на Македонија кон договорот за асоцијација и стабилизација со Европа. Навистина се работи за децениски, па дури и повеќедецениски период на Македонија како држава и нејзините граѓани, а од друга страна имаме и континуитет со евроатланските заложби. Во таа насока треба да се продолжи со имплементирањето на цела низа мерки, независно дали се работи за законодавството или за акциониот план за евроатланските структури. Мислам дека Македонија треба да продолжи по тој пат и со сето тоа можеме да добиеме еден регион којшто ќе биде многу подобар од денес. Значи, Балканот вкупно во деведесетите претставуваше еден извор на нестабилност. Балканот во новиот век треба да биде еден регион во којшто ќе имаме влегување на европските вредности. Следствено, понатаму како што плимата го крева секој брод нагоре, така и овие бродови од неколку држави ќе бидат кренати нагоре со тоа што ќе имаме присуство на европските вредности и влез на овој регион во Европската унија.
XS
SM
MD
LG