Достапни линкови

УНХЦР и Црвениот крст нема да се мешаат во гласањето


Еден ден пред закажаниот термин за парламентарните избори на 15-ти септември, својот глас за една од партиите во Македонија, покрај затворениците и војниците, ќе го дадат и внатрешно раселените лица од минатогодишната криза со право на глас чиј број според списоците доставени од Министерството за правда до ДИК изнесува 4,351. Како што изјави портпаролот на ДИК Зоран Таневски, раселените ќе може да гласаат со лична карта, пасош или со домска карта на внатрешно раселени лица и тоа:

„Во Куманово и околината 1731 лице сместени во прифатни центри и во семејства ќе гласаат во кампот „Кристал“. Две илјади и сто и четириесет лица кои се сместени во прифатни центри во Скопје ќе можат да гласаат во интернатот на ГУЦ „Здравко Цветковски“, едно лице со избирачко право кое е раселено во Битола ќе може да гласа во Општинската изборна комисија во Битола, 477 раселени лица со избирачко право кои се сместени во градот и околината на Тетово ќе можат да гласаат во Општинската изборна комисија – Тетово, две раселени лица ќе можат да гласаат во Општинската изборна комисија во Виница.“

Гласањето за раселените лица на 14-ти ќе стартува во 7 часот наутро и ќе трае до 19 часот истиот ден или пак додека не се изјаснат сите запишани од тој извод од изборачкиот список.

„За тоа општинските изборни комисии ќе подготват посебни избирачки одбори и ќе го спроведат гласањето, а потоа се подготвуваат записници и записниците и изборниот материјал, по завршувањето на гласањето, се доставуваат до соодветните општински изборни комисии. Објектот каде што е сместен гласачкиот материјал го чува Министерството за внатрешни работи.“

Иако вообичаено за раселените се грижат агенциите и организациите специјализирани за тоа, како Црвениот крст и УНХЦР, тие на 14-ти септември ќе стојат настрана.

„Конкретни активности засега на ова поле немаме. Согласно нашиот мандат, ние се грижиме само доколку се враќаат во своите домови.“

изјави Горан Момировски портпарол на УНХЦР во Македонија. Додека организациите на Црвениот крст до надлежното министерство ги имаат доставено само списоците на внатрешно раселените лица со што како што изјави Сузана Пановска од Црвениот крст:

„Директно не е вклучен во организирањето на гласањето, меѓутоа, технички помогнавме во изготвувањето на планот за гласање – на кои места ќе се врши гласањето, и истовремено стапивме во контакт со управниците на колективните центри каде што раселените лица од Куманово и Скопје ќе гласаат.“
XS
SM
MD
LG