Достапни линкови

Крег Џенес, шеф на канцеларијата на ОБСЕ во Македонија. Политичкото водство им должи на граѓаните фер избори


Политичката кампања е во тек, а минатата недела бевме сведоци на инциденти. Со оглед на ова како ја оценувате атмосферата во земјава и дали може во наредниот период да очекуваме вакви или слични инциденти?

Па, точно е дека имавме несреќни инциденти , убиството на двајца полицајци, неодамнешната заложничка ситуација што придонесе да се создаде понебезбедна средина за кампањата. Ние сме среќни што киднапираните беа ослободени мирно, а се надеваме дека виновниците за убиството на двајцата полицајци ќе бидат уапсени. Од друга страна, генералната оценка е дека кампањата и подготовките за изборите продолжуваат да течат добро и се надеваме дека сите луѓе, политичките лидери, полицијата и другите ќе ја зголемат одговорноста и ќе осигураат наредните недели да бидат мирни и луѓето да се чувствуваат сигурни да ја изразат својата волја на 15 септември.

Што мислите за најавите за апсење на претседателот на Демократската унија за интеграција на Албанците, Али Ахмети?

Она што јасно го кажавме до владата и до властите е дека тешко може да се сфати апсењето на еден од лидерите на политичките партии кои се легално регистрирани, бидејќи ова се случува пред изборите и остава впечаток дека има политичка мотивација. Ние разбираме дека можеби има некое несогласување меѓу правните власти во земјава и Меѓународниот кривичен трибунал во Хаг. Но, ние тоа јасно го укажуваме до владата - да нема апсења за кој било одговорен за воени злосторства без договор со Хашкиот трибунал.

Според вас во колкава мера можат да придонесат меѓународните и домашните набљудувачи за фер и демократски избори?

Мислам дека можеме да играме една од улогите. Ова е најголемиот број монитори на ОБСЕ што бил побаран. Мислам дека ОБСЕ ќе може да обезбеди најголемиот број од избирачките места да бидат покриени одреден дел од времето, а на оние каде што може да се очекуваат проблеми, набљудувачите ќе бидат присутни цел ден. Но, за спроведување на фер избори одговорни се властите на земјава и политичкото водство кое им должи на грѓаните добри и фер избори.

Има различни мислења за значењето на изборите. Какво е вашето мислење?

Јас мислам дека тие се многу важни за да се продолжи процесот на стабилизација и патот кон Европа и интеграцијата кон евроатлантските структури. Мислам дека од меѓународен аспект е важно да има мирни и демократски избори и комплетно прифаќање на резултатите. Тоа би бил важен сигнал за меѓународната заедница дека оваа земја е партнер на кој може да му се верува, која може одговорно да се справи со сопствените работи.

Која е вашата порака до учесниците во изборниот процес?

Јас би кажал дека пораката до политичките лидери останува- тие мора да бидат одговорни и да обезбедат избори и изборна атмосфера која ќе биде фер, демократска и сигурна. Она што е потребно е изборната кампања да обезбеди обединување, а не поделба на земјата, без оглед на резултатите. Би им рекол на гласачите дека и тие се во голем дел одговорни. Мислам дека тие треба јасно да им укажат на политичките лидери дека сакаат да гласаат и дека не сакаат да слушаат лекции по историја. Тие сакаат одговори на прашањата: како ќе го направите мојот живот подобар, како ќе обезбедите повеќе работни места, подобра економија.... и врз основа на дадените одговори тие треба да гласаат на 15 септември.
XS
SM
MD
LG