Достапни линкови

Постигната согласност околу нацрт-планот за борба против сиромаштијата


Денеска во Јоханесбург завршува Светскиот самит. Делегатите постигнаа согласност околу нацрт-акциониот план за борба против сиромаштијата и за заштита на животната средина на Планетата.

Целта на обемниот акционен план е до две илјади и петта година да биде намален за половина бројот на луѓето, ги има скоро две милијарди, кои заработуваат помалку од долар дневно, како и заштита на енергетските извори на Земјата за идните генерации. Еврокомесарот за развој Пол Нилсен, по маратонските разговори меѓу делегатите, изјави дека планот бил прифатен откако биле надминати и последните недоразбирања околу здравствената заштита, абортусот и човековите права. Што се однесува до ресурсите, договорено е значајно да биде зголемена употребата на таканаречените „зелени“ извори како: сончевата енергија и силата на ветровите. Во акциониот план се исклучува нуклерната енергија од дефиницијата на чиста и обновлива енергија. Меѓутоа, организациите за заштита на животната средина веќе упатија критики со образложение дека акциониот план преставува договор на празни зборови и оти не ги дефинира прецизно светските цели. Во знак на протест некои делегати на невладините организации го напуштија самитот. Од друга страна, и земјите во развој со забелешки дека во планот не се предвидува како тие, со оглед на немањето доволно финансиски средства, би ги замениле енергетските извори со алтернативни. Тоа, според овие земји, ќе ги чини многу што пак ќе се одрази врз нивниот развој.

„Ајде да ја запреме економската дефанзива и да почнеме да бидеме политички храбри. Ајде да се соочиме со непријатната вистина – моделот за развој што го применуваме е корисен за малкумина, а недоволен за повеќето.“

изјави генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан во повикот до светските лидери во Јоханесбург да го предводат патот во намалувањето на сиромаштијата и на деструкцијата на животната средина.

„Тринаесет милиони луѓе се загрозени со глад во Јужна Африка. Тоа се случува, бидејќи не успеавме да изнајдеме план за долгорочна заштита на нашата Планета. Ако ни треба потсетување, тогаш тоа може да биде плачот за помош на овие тринаесет милиони души.“

предупреди Анан. На последниот ден на Светскиот самит, американскиот државен секретар Колин Пауел во Јоханесбург оцени дека трајниот развој, подразбира образование, отворање на економиите, добро управување, правна држава и спречување на корупцијата. „Сите тие аспекти треба да се имаат предвид и на нив треба да инсистираме“ изјави Пауел, додавајќи дека исто така треба да се има предвид оти осумдесет насто од изворите за помош на земјите во развој се наоѓаат во приватниот, а не во владиниот сектор. Неговиот говор беше прекинуван со извици на незадоволство од страна на претставници на невладините организации кои му забележуват на Вашингтон за недоволната ангажираност во борбата против сиромаштијата во светот и во заштитата на животната средина на Планетата.
XS
SM
MD
LG