Достапни линкови

Почнува да функционира заеднички штаб


Со цел дневно да се следи ситуацијата на теренот во кризните региони од денеска почнува да работи заедничкиот штаб за чие формирање беше одлучено на седницата на државниот врв одржана викендов поради влошената безбедносна состојба во земјава по убиството на двајца припадници на МВР и киднапирањето на пет лица на патот Тетово-Гостивар. Во работата на ова тело учествуваат претставници на министерствата за внатрешни работи и за одбрана, Државната изборна комисија, како и на НАТО, ОБСЕ и Европската Унија.

Поради природата на работите носител на активностите ќе биде полицијата. Бидејќи станува збор за неформално тело не е потребно да се донесе владина одлука, објаснуваат во кабинетот на претседателот Борис Трајковски на чија иницијатива и се формира овој штаб, но која е поддржана е и од останатите надлежни органи.

Оттаму информираат дека и досега имало вакви контакти, но оти со формирањето на заедничкиот штаб тие ќе се интензивираат, односно секојдневно ќе се следи ситуацијата на теренот, а ќе се разменуваат и информациите помеѓу домашните надлежни органи и меѓународните мисии.

Меѓународние претставници ја поздравуваат иницијативата за формирање на вакво тело.

„Се надеваме дека тоа ќе придонесе за мирно одвивање на кампањата.“

изјави Флорин Паснику портпарол на мисијата на ОБСЕ.

Претставниците на органите кои се вклучени во овој штаб ќе бидат на оперативно ниво, односно од министерството за внатрешни работи во работата на штабот ќе учествуваат шефот на полицијата, Зоран Јовановски или директорот на бирото за јавна безбедноста Горан Митевски, а од меѓународните претставници ќе присуствуваат шефовите на оперативните мисии.
XS
SM
MD
LG