Достапни линкови

logo-print

Организацијата подготвена за употреба на хемиско оружје


Американската телевизиска мрежа СиЕнЕн неделава започна со објавување на дел од видеокасетите за кои вели дека се снимени од страна на терористите на Ал-Каеда. На нив, меѓу другото, се гледаат техниките на обука на членовите на Ал-Каеда, тестирање со нервен гас како и правење експлозивни направи.

Изворот од каде потекнуваат 250-те видео касети што Си-Ен-ЕН неделава ги објавува останува непознат. Непозната е и локацијата каде е снимана нивната содржина, но нивната автентичност е извесна. Професорот Магнус Ранстроп од центарот за истражување на тероризмот и политичкото насилство вели дека тие исто така откриваат нови детаљи за Ал-Каеда. Првенствено тие покажуваат дека таа е многу поорганизирана отколку што тоа се мислеше

„Касетите вкупно, во комбинација со пишуваните прирачници на Ал-Каеда покажуваат застрашувачки капацитет.“

Ранстроп вели дека од виденото станува сосема јасно оти Ал-Каеда е сериозна во намерата да употреби хемиско оружје. Имено, највознемирувачкиот дел на содржината на касетите што СиЕнЕН веќе го објави е сцената каде се покажува експеримент со отровен гас со кој се убени три кучиња. Ранстроп вели

„Ова е прва визуелна потврда дека тие се подготвени да сторат многу повеќе отколку само да размислуваат за употреба на хемиско оружје и оти тие веќе експериментираат за да ги видат ефектите на употребата на нервен гас.“

Сеуште е нејасно колку овие видео-ленти до кои дојде дописникот на СиЕнЕн од Кабул Ник Робертсон имаат вредност за американските и други разузнавачки служби што ги следат операциите на Ал-Каеда. Имено нивната содржина главно е снимена пред настаните од 11 септември. Но според професорот Ранстроп касетите имаат вредност за разузнавачките служби во нивната потрага по членовите на Ал-Каеда

„На нив се покажани лицата на учителите и што е поважно членовите на подземјето. Мислам дека тие ќе бидат анализирани за да се открие кои се тие луѓе и каде сега се наоѓаат.“

Одреден број видео касети до кои дојде СиЕнЕн веќе се предадени на високи представници на американскиот Стејт Департмент и Пентагон. Засега администрацијата на американскиот председател одбива да ја коментира нивната содржина.
XS
SM
MD
LG