Достапни линкови

Бранко Црвенковски, лидер на СДСМ. Судбоносни избори за иднината на државата


Од какво значење се парламентарните избори 2002 за иднината на Македонија?

Претстојните парламентарни избори се од огромно, исклучително, би можел да кажам и историско значење за Република Македонија и тоа од повеќе причини. Прво, тие доаѓаат после најголемата, во поновата историја, воена и безбедносна криза низ којашто поминавме и чии последици ги чувствуваме и денес. Второ, тие избори доаѓаат во еден период кога Македонија се соочува со катастрофално лоши, економски и социјални трендови, со зголемување на невидено ниво на невработеноста, на сиромаштијата. Понатаму, со загрозување на демократските процеси во државата, со кулминирање на организираниот криминал и корупцијата. Оттука, овие избори се една шанса, една прилика, една можност, една надеж за сите граѓани на Република Македонија дека може да се направи пресврт на сите овие полиња и јас сум убеден дека граѓаните на Република Македонија ќе ја препознаат таа шанса, ќе постапат во согласност со одговорноста кон државата и кон самите себе и кон својата иднина и ќе ја земат судбината во свои раце.

Каква е перспективата на меѓуетничките односи во мулти-етничка заедница каква што е и Македонија?

Кога се говори за меѓуетничките односи и нивната перспектива во Република Македонија на некој начин задолжително тоа се поврзува со постигнатиот рамковен договор од минатата година. Јас на неколку наврати сум кажал дека рамковниот договор сам по себе не е гаранција за иднина и за стабилни меѓуетнички односи, меѓутоа е една голема шанса. Тој претставува шанса и може да стане гаранција, доколку навистина ја искористиме и доколку сериозно и одговорно се однесуваме кон неа. Оттука е и многу битно на овие претстојни парламентарни избори довербата и меѓу Македонците и меѓу Албанците да ја добијат политички структури и личности коишто се подготвени на тој план, искрено и одано да работат на она што е најбитно, а за што е потребна и макотрпна работа и многу време да се врати меѓусебната загубена доверба. Јас сум оптимист и верувам дека Република Македонија во наредниот период ќе покаже дека има капацитет да изгради едни, навистина добри меѓуетнички односи што во исто време ќе бидат гаранција за стабилноста на државата. И покрај кризата во периодот на минатата година сите истражувања, сите анкети покажуваат дека огромен процент од граѓаните Македонци и граѓаните Албанци коишто живиеат во оваа држава, како и оние што припаѓаат на другите етнички заедници всушност сакаат мир, сакаат спокој, имаат почит и респект кон сопствената држава. Не прифаќаат војни или заговарања на војни, не прифаќаат поделби на територии, не прифаќаат страдања што е и нормално и мислам дека всушност тие покажаа многу поголема зрелост отколку самите политички партии во изминатиов период.

На кој начин Македонија ќе обезбеди позабрзано асоцирање во ЕУ и членство во НАТО алијансата?

Мислам дека треба дефинитивно да се соочиме со една голема вистина, а тоа е дека битката за побрзо интегрирање во евро атлантските структури не се добива во Брисел, туку тука во Македонија. Дека степенот на нашите односи и со ЕУ и со НАТО пред се ќе зависи во која мера ќе ги вградуваме стандардите во економскиот систем, во системот на правната држава, на планот на демократијата, ќе обезбедиме стабилност на државата во секој поглед. Првиот чекор на тој план се всушност самите парламентарни избори. Впрочем, сите пораки што ни доаѓаат од меѓународните центри, без разлика дали се работи за Брисел, за Вашингтон, за Москва или некои други велат дека првиот голем испит на овој план треба да го положиме на 15-ти септември. Ако Македонија организира регуларни избори, ако после тие избори добиеме институции со легитимитет, институции во коишто мнозинството граѓани ќе имаат доверба и ќе стојат зад нив, тогаш сме направиле еден голем чекор во прецесот, што се разбира ќе биде долготраен. Меѓутоа, добар чекор напред во успешно интегрирање во евро-атлантските структури и сосема спротивно, ако ова бидат избори со насилство, со фалсификати, нерегуларни, ако од тоа произлезат институции во коишто граѓаните немаат доверба тоа ќе не оддалечи бесконечно од таа наша стратешка цел, а тоа е да станеме еден ден и ние дел од тоа заедничко европско семејство.
XS
SM
MD
LG