Достапни линкови

Официјален старт на изборната кампања


Од денеска политичките партии во Македонија го започнуваат походот по 120 пратенички места за кои ќе се борат 40-на политички партии седум коалиции и пет групи граѓани.

Владечаката ВМРО-ДПМНЕ кампањата ја почнува во Кичево:

„Ние досега во голем број кампањи сме докажале дека нашите кампањи се со промоција на она што сме го направиле досега и што мислиме да направиме понатака. Од друга страна, пак, ако има напад од страна на СДСМ, сигунро дека ќе биде одговорено на тоа.“

изјави Александар Пандов .

Додека коалицијата „За Македонија Заедно“ , предводена од СДСМ кампањата ја почнува во Гостивар. Портпаролот Јани Макрадули рече:

„Нашата прва промоција и поголем митинг е в понеделник , на 20 август, во Гостивар. Ние не планираме да се занимаваме со ВМРО-ДПМНЕ, не планираме да одговараме на провокации, туку ќе ја објасниме нашата програма и како замислуваме Македонија да се развива во следните четири години.“

Демократската Унија за Интеграција, на граѓаните во оваа предизбрна кампања им ветува дека :

„За нас главен приоритет ќе има имплементацијата на рамковниот договор. Се разбира, како политички субјект сносиме одговорност пред граѓаните да ја понудиме нашата визија во економскиот апсект, борбата против корупцијата и организираниот криминал кои се негативни појави не само кај нас, туку и пошироко на Балканот. Организираниот криминал и корупцијата се мултиетнички појави и се разбира дека бараат ангажираност и поголемо жртвување.“

изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети.

ПДП кампањата ја започнува во недела во Тетово. Портпаролот на оваа партија Захир Бектеши вели:

„Значи, започнуваме во Тетово и планираме кампањата да ја завршиме во Скопје. Политичката програма на ПДП се заснива на продолжувањето на актуелните активности кои се засниваат на рамковниот договор и се разбира, сите проблеми кои како такви се појавуваат, со единствена цел Македонија да навлезе во едни помирни води со цел да се развива политичкиот просперитет и економскиот развој.“

ДПА првиот предизборен собир го одржува денеска во Скопје
Изборот на наредните пратеници, согласно новото изборно законодавство, ќе се изврши според пропорционалниот модел. Претстојните, четврти по ред парламентарни избори во Македонија, ќе ги набљудуваат 750 странски и над 2.500 домашни набљудувачи, невладини организации и граѓански здруженија.
XS
SM
MD
LG