Достапни линкови

logo-print

Партиите финишираат и со финансирањето на кампањата


Политичките партии финишираат со подготовките околу финансирањето на изборната кампања. Законскиот рок е најмалку 35 дена пред денот определен за изборите секој политички субјект да има отворено жиро сметка. Според информациите што доаѓаат, овие банкарски инструменти веќе ги поседуваат сите политички партии.

„Веќе е отворена жиро сметка и е запазена законската процедура. Конкретно, кампањата за овие избори ќе се финансира преку донации, членарина, а во голем дел ќе учествуваат и самите кандидати за пратеници. Секако сметаме и на оние средства коишто се добиваат од државата за секој освоен глас.“

вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев. Според законската регулатива секоја партија може да потроши најмногу 15 денари по запишан избирач во изборната единица. Право на надомест на трошоците за изборите ќе имаат оние политички партии од чии кандидатски листи се избрани пратеници. Абдуљади Вејсели од ПДП вели дека главен извор на финансирање на неговата партија ќе биде членарината.

„Тие ќе бидат изворите, како и секогаш – средства од членарината, прилози итн.“

Во СДСМ се надеваат дека средствата определени од државата што смее да ги троши секој политички субјект за претстојните парламентарни избори ќе бидат доволни за покривање на изборната кампања.

„Средствата коишто се влеваат на таа сметка очекуваме да бидат пред се од донации од огромното членство што го има Социјалдемократскиот сојуз, а исто така и од луѓе коишто сметаат дека дека треба да дадат свои прилози за изборната кампања. Со оглед на тоа што средствата што можат да се потрошат за изборна кампања се ограничени со законот, ние очекуваме дека во рамките на сумата дозволена со законот ќе се движат и вкупните средства за кампањата.“

вели Ѓорѓи Спасов. Она што законот го забранува е дека изборната кампања несмее да се финансира од средства од јавни претпријатија, невладини организации или религиозни групи. По парламентарните избори секоја политичка партија е должна до собранието да достави финансиски извештај со податоци за вкупниот износ потрошени средства за време на изборната кампања.
XS
SM
MD
LG