Достапни линкови

Сознанијата не треба да се драматизираат


По информациите на МВР и на премиерот Георгиевски дека во државава постојат нови паравоени формации, политикологот Јован Донев забележува дека пред се таквите сознанија не треба да се употребуваат за драматизација на состојбите пред изборите, туку дека ти треба да бидат предмет на внимание на надлежните институции.

„Групи постојат, не верувам дека се работи за сериозна формација од воен тип, меѓутоа, паравоени формации постојат, но нивното постоење не треба да се драматизира, но во секој случај би требало нивната активност да се следи, би требало да се внимава, за да не се повторат што минатата година се направија.“

Паравоените формации не се нешто неочекувано кога се знае дека сите оние кои го поддржуваа Али Ахмети на крајот од воената криза не го добија колачот во политиката, вели Донев. Од друга страна, тој додава дека на овие појави треба да се гледа и од аспект на состојбите на Косово, но според него битно е пред се да се отстранат причините што го охрабруваат дејствувањето на овие групации во Македонија

„Слабостите што ги покажавме во функционирањето на безбедносниот систем на Република Македонија минатата година, овозможија секој којшто има некакви амбиции, може многу лесно да се одлучи да земе оружје во рака, а на тој начин да се претставува како некаков борец за слобода, како борец за човекови права итн., а се со цел да се вклучли активно во политичкиот живот и да си ја зголеми својата популарност.“

Професорот Донев од друга страна потсетува дека со потпишувањето на договорот во Охрид се затворени сите прашања во делот на реалните барања на Албанците во Македонија

„Во овој момент пред изборите не треба да се драматизира ситуацијата, меѓутоа, од друга страна, и власта и опозицијата би требало сериозно да ја следат ситуацијата во делувањето на овие албански групи и во согласност со законските овластувања на полициските органи и во координација со меѓународните претставници да се делува многу ефикасно и да не се дозволи ескалирање и зголемување на нивниот број.“
XS
SM
MD
LG