Достапни линкови

logo-print

МВР ги преувеличува информациите и сее страв меѓу граѓаните


Кабинетот на претседателот Борис Трајковски има информации за постоењето на новата албанска паравоена организација, но поради доверливоста на информациите се воздржува од коментари. Шефот на Кабинетот на претседателот Трајковски, Зоран Јолевски изјави:

„Постоењето на ставови дека за време на изборите ќе се дестабилизира Македонија и дека ќе има големи вооружени судири, не соодветствуваат на проценките што постојат во овој момент. Така што очекуваме да имаме фер, демократски и релативно мирни избори во Република Македонија. Нема потреба од стравувања од поголеми судири во државава.“

Според портпаролот на НАТО во Македонија Крег Раткфил, НАТО има информации за вооружени криминални групи кои делуваат во Македонија, но:

„НАТО никогаш не потврди дека постои група наречена Албанска републиканска армија „Илирида“ и дека таа има намера да го дестабилизира Балканот и Македонија,“ - изјави Ратклиф.

Со вчера изнесените информации МВР сака да внесе страв и недоверба меѓу граѓаните пред претстојните парламентарни избори, велат во албанските политички партии. Абдуљади Вејли од ПДП изјави:

„Не знам колку можеме да му веруваме како политичка партија на таа инструкција што ја создаваат во МВР, поради тоа што неколку пати во јавноста излегоа со застрашувачки изјави кои најверојатно имаат друга цел, поради тоа што сме во изборна година, на прагот на парламентарните избори - сеењето страв меѓу граѓаните, меѓутоа и сеење омраза меѓу разните етнички групи кои живеат во Македонија.“

За портпаролот на Демократската Унија за Интеграција Агрон Буџаку и доколку некаде постојат екстремисти таквите информации се преувеличуваат од страна на МВР.

„За жал, во оваа предизборна кампања се манипулира со чувствата на луѓето за стравот да не се повтори, но ние мислиме дека тоа нема да се повтори, односно од страна на албанското население нема поддршка за тоа.“

Доколку во Македонија постои таква организација МВР не треба да организира брифинзи туку да објави воена состојба смета Џеват Адеми од НДП.

„Доколку е точно дека има околу 200 вооружени припадници во Македонија, МВР не треба да организира брифинг со новинарите, туку да објави воена состојба.“
XS
SM
MD
LG