Достапни линкови

Начин за надминување на кризата, партиите очекуваа повеќе


Македонија денес се наога во подобра ситуација отколку во периодот кога се водеа преговорите во Охрид, тоа беше период кога добивавме информации за нови жртви, кога сите мислевме дека земјава се движи кон меѓуетничка војна. Токму поради тоа охридскиот договор го гледавме како начин да се надмине овој тежок период во историјата на земјава, а денеска се покажа дека е така, оценуваат партиските експерти вклучени во минатогодишните преговори кои се водеа во Охрид под покровителство на претседателот Борис Трајковски. Тие финишираа со парафирање на рамковниот договор на осми август и негово потпишување на 13-ти август на кое покрај партиските лидери, присуствуваа и генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, високиот претставник на ЕУ, Хавиер Солана, претседавачите на ОБСЕ и на ЕУ, како и мегународните посредници Џејмс Пердју и Франсоа Леотар.

Но, во партиите велат дека нивните очекувања биле и поголеми

„Се надевавме дека на тој начин ќе биде ставен и крај на инцидентите коишто на некој начин и денеска се случуваат, особено во регионот околу тетовско. Меѓутоа, мислам дека сите беа реални и очекуваа дека овој процес на стабилизација ќе трае подолго време.“

рече Радмила Шеќеринска од СДСМ и додава дека за добра иднина на оваа држава потребна е и политичка волја и функционирање на институциите на државава

„Токму поради тоа денеска зборуваме за тоа дека останаа еден број закони коишто треба или да се спроведат или да се изгласаат, меѓутоа, исто така останаа и големи обврски во делот на одржување на редот и мирот во регионите опфатени со кризата.“

и Трајко Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ велидека по една година од договорот исполнети се голем дел од обврските предвидени во него и посочува

„Има некои други обврски коишто произлегуваат од рамковниот договор, а кои сепак уште не се реализирани, а тоа е безбедносната ситуација во тие региони каде што имаше воени дејствија.“

Претставниците од албаснскиот блок на политички партии потписнички на охридскиот договор со забелешка

„Собранието не ја заврши својата работа. Има уште многу други закони коишто треба да се усогласат со Уставот на Република Македонија.“

изјави Абдулади Вејсели од ПДП

Според Џевдет Насуфи од ДПА, охридскиот договор придонесе за прекин на непријателствата, но во делот на негова имплементација кој подразбира промени во законодавството тој оценува дека делумно се постигнати резултати, но има и недостатоци

„Имаме опструкции коишто го редуцираат духот на охридскиот договор, како во смисла на квалитетот на одлуките и решенијата што се усвоени, а исто така и во самата постапка и во динамиката на нивното спроведување.“

Доказ дека рамковниот договор генерално беше добар начин за разврска на кризата и покрај забелешките за неговите недостатоци од страна на партиите потписнички, се закажаните парлментарни избори за 15 септември за чие одржување и регулатива по која ќе се спроведат беше постигнат општ консензус.
XS
SM
MD
LG