Достапни линкови

Ирак подготвен за одбрана, САД ќе бидат трпеливи


Ирачкиот претседател Садам Хусеин изјави дека секој напад против Арапите и Муслиманите е осуден на пропаст. Обраќајки и се денеска на нацијата, но и на целиот Блискоисточен регион по повод четрнаесет годишнината од крајот на ирачко-иранската војна, Хусеин рече дека неговата земја не е заплашена од заканите и е подготвена да одбие секаков напад. Како што е познато, Ирак ги отфрла обвинувањата на американскиот претседател Џорџ Буш дека развива оружје за масовно уништување и оти затоа се залага за смена на ирачкиот режим. Сепак, во вчерашниот говор во американската држава Мисисипи, Буш изјави дека ќе биде трпелив и оти ќе ги испита сите опции пред да реши како да се справи со режимот на ирачкиот претседател.

„Ќе продолжиме да се консултираме со Конгресот и, секако, со нашите пријатели и сојузници. Ќе разговараме реално за заканите и јас ќе ги испитам сите опции и средства со кои располагам - дипломатијата, меѓународниот притисок и можеби воената опција.“

изјави Буш. Претходно, американскиот потпретседател Дик Чејни потврди дека претседателот Буш се уште нема донесено одлука да започне војна против Ирак и оти претходно ќе се консултира со меѓународната заедница.

„Мислам дека тежината би требало да биде врз Садам. Тој мора да докаже дека е попустлив, но јас не сум сигурен дека тоа ќе се случи. Затоа меѓународната заедница ќе треба заеднички да реши како ќе се справи со оваа растечка закана за мирот и стабилноста во тој регион и очигледно, потенцијално, за самите Соединети Држави.“

изјави Чејни. Вашингтон, како што сметаат аналитичарите, засега за ова прашање не наидува на одобрување од Франција, Германија и Русија. Шефот на руската дипломатија Игор Иванов изјави дека евентуалниот воен удар врз Ирак ќе ја влоши и онака тешката ситуација во регионот и оти затоа тој треба да биде формално санкциониран од Обединетите Нации. Со сличен став излезе и германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер кој смета дека воената интервенција против Ирак ќе доведе до реорганизација на Блискиот Исток, поради што ќе биде неопходно долгорочно американско присуство во тој регион. Според експертите, одбивањето на овие земји да ги поддржат американските планови за смена на ирачкиот режим ја поткопува цврстината и на антитерористичката коалиција покрената од Соедините Држави, а што беше прифатена од овие три земји.
XS
SM
MD
LG