Достапни линкови

Статусот на Косово да се реши што поскоро


Пред седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации посветена на Косово - група експерти на вашингтонскиот Институт за мир, по неколкумесечни анализи и надгледување на ситуацијата, изнесе осум можни опции за решавање на конечниот статус на Косово. Според американските експерти, тие опции би можело да бидат практично решение за иднината на покраината, но во моментот кога ќе станат реални можностите Југославија да влезе во Европската Унија.

Во извештајот на Балканската иницијатива на овој Институт, како што наведува приштинскиот весник Коха Диторе, засега се исклучени можностите Косово да стане целосно независна држава, но и таа - српските власти, колку и да се демократизираат, повторно да управуваат со покраината. Експертите наведуваат дека е важно Косово да биде способно, со разни спогодби, да ги регулира односите со своите соседи. Администраторот на Обединетите нации на Косово Михаел Штајнер на седницата на Советот за безбедност изјави дека иднината на покраината е поврзана со потребата неговите лидери ги прифатат демократските реформи.

„Нема да има поделба, нема да има кантонизација и враќање на ситуацијата од пред 1999 година. Резултатот не може да биде моно етнички – тој мора да биде мултиетнички. Косово мора да стане демократско, безбедно и респектабилно на патот кон Европа.“

притоа Штајнер побара меѓународна финансиска помош за враќање на српското малцинство во покраината. Српскиот заменик премиер Небојша Човиќ на истата седница на Советот за безбедност изрази загриженост во врска со тешките услови со кои се соочуваат малцинствата на Косово што спречуваат тоа да стане мултиетничко.

„Нема ни време ни место да се биде самоуверен и пресреќен со себе се додека таму има големи дилеми.“

рече Човиќ. Но, за Штајнер, наведувајќи ги локалните избори, постојат јасни сигнали дека во покраината бил постигнат извесен прогрес. Тоа, според заменик-американскиот амбасадор во Обединетите нации Џејмс Канингам е охрабрувачко.

„За нас, за да се успее на Косово, луѓето таму мора да ги решат своите проблеми и емоционалната историја. Се чини дека тој процес започнува.“

изјави Канингам. Инаку, Институтот за мир со констатацијата дека не може долго време да се одлага расправата за конечниот статус на покраината како прва опција ја наведува: Косово да остане постојан меѓународен протекторат. Втората е тоа да биде кантонизирано и децентрализирано, а третата и четвртата опција е Косово да стане членка на лабава федерација или на заедница од типот на Комонвелт. Според петтата опција, одлуката за статусот на Косово во одреден временски рок треба да ја донесе меѓународната заедница. Последните три предлози се во врска со неговата независност – од таканаречена условна до независност со поделба на Косово. Аналитичарите од Институтот за мир сметаат дека ни србите ни албанците не се подготвени подолго време да ги одржуваат колебањата што постојат околу отворањето на прашањето за конечниот статус на Косово. Притоа тие наведуваат дека многумина во Белград почнале да веруваат дека Србија може да се ослободи од тешкиот товар каков што е Косово или барем од неговиот дел во кој албанското население е мнозинско.
XS
SM
MD
LG