Достапни линкови

Полицијата ќе има зголемени надлежности


На претстојните парламентарни избори закажани за 15 септември полицијата ќе има зголемени надлежниости. Во текот на гласањето додека се отворени гласачките места припадниците на министерстото за внатрешни работи ќе бидат постојано присутни, а во случај на инцидент избирачкиот одбор може дополнително да побара помош од полицијата за воспоставување ред на гласачкото место. Портпаролот на МВР, Воислав Зафировски објаснува:

„Полицијата за време на изборите ќе биде присутна на растојание од сто метри од избирачките места и од тоа растојание ќе го надгледува изборниот процес.“

Законот за избор на пратеници предвидува членовите на избирачкиот одбор да можат да го прекинат гласањето во случаи кога полицијата не може да го одржува редот на гласачкото место или пак не се придржува кон одредбите од законот.

Надлежностите на полицијата не завршуваат со затворање на избирачките места, таа го обезбедува објектот каде се одвивало гласањето и ги отстранува неовластените лица. Членовите на избирачкиот одбор може да побараат од полицијата таа да ги обезбедува до предавање на записникот и изборниот материјал на регионалната изборна комисија.

Поради зголемените надлежниости на полицијата за време на изборниот процес, ОБСЕ ќе обучува 80 проценти од полицајците кои ќе се одговорни за одржување на редот и мирот. Барт Дхуги од ОБСЕ изјави дека тие ќе обучуваат 4200 полицајци кои ќе бидат задолжени за безбедноста за време на изборите, а тренингот ќе трае од 5 до 15 август.

„Обуката ќе ја води тим од 18 инструктори, шест национални правни експерти, шест меѓународни тренери и шест инструктори од министерството за внататешни работи.“

Тој посочува дека улогата на полицијата е од големо значење и во текот на предизборната кампања, за време на митинзите.
XS
SM
MD
LG