Достапни линкови

logo-print

Откриен заговор за убиство на новинар во високи политички кругови


Чешката полиција соопшти дека планот за убиство на новинарката на весникот Млада Фронта Днес Сабина Слонкова, пропаднал откако лицето што требало да ја убие и се предало на полицијата и го открило заговорот. Случајот е особено сериозен поради фактот што истрагата допира до поранешниот генерален секретар на чешкото министерство за надворешни работи Карел Срба, кој беше десна рака на екс шефот на дипломатијата Јан Каван. Карел Срба и другите тројца осомничени се во истражен затвор, а портпаролката на чешката полиција Бланка косинова соопшти:

„Четворицата осомничени се обвинети за подготвување убиство.“

Екс министерот Јан Каван, кој е во Њујорк и треба да биде претседавач на Генералното Собрание на Обединетите Нации, изрази големо изненадување од целиот случај, но нема намера да се повлече од новата функција.

„Јас навистина не гледам причина да си поднесам оставка и мислам дека целиот случај е исполитизиран. Во моментов многу малку знаеме за околностите.“

Меѓутоа, сенаторот Јозеф Зеленец оценува дека Каван треба да се повлече од Њујорк, барем од морални причини, бидејки дозволил десна рака да му биде човек кој планирал убиство. Каван пред неколку години застана зад Карел Срба кога за него постоеја обвинувања дека соработувал со екс комунистичката тајна полиција, па дури и му го довери раководењето со акцијата Чисти Раце за искоренување на корупцијата. Новинарката Сабина Слонкова токму пишуваше за вмешаноста на Срба во нелегалните зделки, каков што беше случајот со продажбата на Чешката Куќа во Москва, од која Чешка загуби над три милиони долари. Според написите, Срба купил земјиште, изградил куќа и реновирал две фарми во вредност од 330 илјади долари, без притоа да го докаже нивното потекло. За написите, Слонкова вели:

„Ние ја следевме неговата приватна сопственост и заклучивме дека енормно се зголемува, што е невозможно од платата во државната служба, која изнесува околу ијлада и триста долари.“

Згрозување од целиот случај изразуваат и другите новинари во Чешка. Новинарката на Лидове Новини Петрушка Шустрова изјави:

„Реалноста дека тој мафијаш и криминалец долго време беше десна рака на министерот, е застрашувачка. Не можам да сфатам како Јан Каван соработувал со таков гангстер.“

Организацијата Репортери без граници испрати писмо до чешкиот министер за внатрешни работи Станислав Грос во кое бара казнување на сите инволвирани во обидот за убиство на новинарката и оти Чешка, како кандидат за влез во Европската Унија, мора ја гарантира слободата на печатот.
XS
SM
MD
LG