Достапни линкови

Три пати пукано на полициски пункт


Иако во сите липковски села реинтеграцијата е завршена и воспоставено е деноноќно полициско присуство, а во тек е втората фаза што подразбира зголемана комуникација на полицијата со месното население преку разговори, летоци и објаснувања за новата улога на полицијата што опфаќа нејзини пошироки овластувања, меѓу другото да легитимира, приведува и врши увид на сообраќајки и криминални дела, по извесно затишје ноќеска повторно е нападнат полициски пункт во овој регион.

Според официјални полициски извори, криминалните банди во три наврати во периодот од девет до 23 часот директно со огнено оружје го нападнале полицискиот пункт стациониран во атарот на Ново Село. Во првиот напад врз полицијата било пукано со поединечни истрели од реонот на селото Ропајце, нешто подоцна со рафали од тежок митралез од селото Виштица, а околу 23 часот третиот напад бил со повеќе светлечки куршуми од истото село.

Меѓу припадниците на полицијата нема ранети, ниту повредени, а тие и не возвратиле на овие напади. Меѓутоа, поради проценката за можна опасност по животите на полицајците еден час по полноќ на пунктот кај Ново Село пристигнало полициско засилување и зголемување на безбедноста на пунктот, по што нападите престанале.

Освен овој напад, пукотници и мали нарушувања на јавниот ред и мир биле регистрирани од повеќе кумановско – липковски села.
XS
SM
MD
LG