Достапни линкови

НАТО ја прецизира новата улога на својата мисија


Денеска во Брисел, НАТО дефинитивно ја прецизира новата улога на својата мисија во земјава за време на изборите. Станува збор за одговор на барањето на северно атлантскиот сојуз на барањето од ОБСЕ за дополнителна заштита на меѓународните набљудувачи што ќе ги следат предизборната кампања и гласањето во Македонија. За ова амбасадорот на НАТО Николас Бигман вели:

„ОБСЕ побара од НАТО да разгледа дали може да стори нешто во насока на зголемување на безбедноста на набљудувачите како што тоа „Лисиците“ го прават во поранешните кризни региони. Тоа би значело дека и на другите места во Македонија, не само во некогашните кризни области доколку има закана за безбедност, НАТО би можел да дојде и да им помогне на набљудувачите. При тоа треба да се има на ум дека примарната одговорност за безбедноста на набљудувачите е кај македонските власти. Тоа е нивна работа и само доколку тие не можат или не сакаат да се грижат за безбедноста на набљудувачите НАТО би испратил тим да им помогне. Во оваа фаза НАТО ја разгледува можноста за ова и мислам дека одговорот ќе биде позитивен. Следниот чекор ќе биде ОБСЕ да побара од македонските власти да се согласат со ваквата задача на алијансата и ако тие дадат позитивен одговор тогаш НАТО може да започне со подготовките на оваа мисија“- рече Бигман.

Зеленото светло од Брисел за зголемување на оперативната територија на „Лисиците“ без промена на нивниот мандат или број коинцидира со доаѓањето на специјалниот пратеник на НАТО за Балканот Роберт Сери. Неговата последна посета на Скопје беше фокусирана токму на координација и планирање на мисијата на НАТО за време на изборите.
XS
SM
MD
LG