Достапни линкови

Од денеска полни раце работа


Предизборните активности на ДИК почнуваат од денеска. Државната изборна комисија ќе има полни раце работа, роковите течат, а ние ќе мора да ги запазиме, изјави претседателката на највисокиот изборен орган Мирјана Лазаревска Трајковска.

„ДИК ќе тргне од утврдување календар за своите активности. Ќе се формираат неколку групи што ќе работат на одделни сегменти што треба да ги расчисти ДИК и ќе се упатат писма до политичките партии за да достават свои предлози за членови на регионалните изборни комисии. Партиите треба да дадат предлози најдоцна пет дена од денот на добивањето на известувањето.“

Лазаревска објаснува дека најдоцна за 20 дена од денот на формирањето на ДИК треба да се комплетираат и регионалните изборни органи, значи овој процес треба да заврши до крајот на овој месец, бидејќи потоа ќе треба да се формираат и општински изборни комисии и избирачки одбори.

Освен формирањето на пониските државни органи, ДИК дава упатство за нивно работење, а определува и стандарди за изборниот материјал. Највисокиот изборен орган од пратениците доби виза доцна синоќа.

Во составот на ДИК се врховните судии Никола Николовски на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, Дане Илев предложен од СДСМ, Ајет Ахмети од ДПА и Сабит Кранли предлог на ПДП. Од редот на истакнати правници се Кирил Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ, Мери Младеновска од СДСМ, Џемаили Саити од ДПА и Исамедин Лимани од ПДП.
XS
SM
MD
LG