Достапни линкови

Канадски пошти влегуваат во македонски пошти


Влезот на Канадските пошти ќе биде преку формирање на заедничко претпријатие со македонската држава, кое ќе управува со македонски пошти. Главниот збор во новиот правен субјект ќе го имаат канаѓаните, за чиј влез единствено се обврзани во наредните 20 години, на име модернизација да инвестират 40 милиони евра.

Според договорот, отпуштање од работа нема да има, а проблемот со вишокот вработени ќе се решава преку преквалификации или предвремени пензионирања.
Влегувањето на канадски во македонски пошти ќе се реализира преку три фази. Првата и втората фаза ќе го опфатат периодот на изготвување на финансиска анализа и инвестициона програма .

„Со третата фаза започнува 20 годишната фаза на тековните операции каде што се започнува со технолошката имплементација, извршување на деловниот инвестиционен план, зголемување на поштенското работење и подобрување на пазарните во поштенските услуги,“

вели министерот за транспорт и врски Љупчо Балковски. Според договорот канадски пошти се обврзани дел од остварениот профит да инкасираат и во државната каса.

„Од 2004 до 2007 година пет проценти, од 2008 до 2012 10 проценти и од 2013 до 2022 година 32 проценти од профитот.“

Критеките на правните експерти се дека за реализирање на целата постапка, неопходно ќе беше претходно да се распише меѓународен јавен тендер. На ваквите обвинувања премиерот Георгиевски пред неколку дена одговори, се работи за најдобрата компанија во поштенскиот бизнис и ризикот од целиот договор со канадски пошти го преземаме на свој грб. Дел од правните експерти денеска коментираат, се работи за потпишување на меѓународен договор, а не за приватизација или земање под концесија на македонски пошти, со што владата е ослободена од обврската за распишување јавен тендер.

Влегувањето на канадски пошти во македонски пошти е дел од стратегијата на оваа компанија за инволивирање со поштенскиот бизнис и на балканскиот регион. Имено менаџери на оваа компанија веќе неколку дена престојуваат во Белград, каде преговараат за превземање и на српските пошти. Во бизнис планот на канаѓаните како компании со кој треба да се преговара за превземање се зацртани и албанската и црногорската пошта.
XS
SM
MD
LG