Достапни линкови

Слободно пазарски капитализам или социјална држава?


Последните скандали со американските корпорации ги обновија дебатите во Европа меѓу оние што го фаворизираат американскиот економски модел на непречен слободно пазарски капитализам и оние што сакаат задржување на моделот на социјална држава.

Си беше еднаш кога американската економија не можеше да згреши. Седум години од деведестите Америка уживаше во најголема мирновременска економска експанзија во нејзината историја. Профитите беа огромни. Американкиот успех ги зашемети економиите на нејзините ривали – Јапонија и Западна Европа. И додека Америка просперираше надвор и од своите најхрабри сништа, Јапонија и Европа беа критикувани што воопшто не ги гледаат фактите на тој просперитет: флексибилност на трудот, лесна регулатива на развојот и ниски даноци. Нервозните европски лидери дури почнаа да посакуваат да го копираат американскиот модел или пак да направат некаков микс на ригорозните барања на светскиот капитализам, а притоа да не се откажат од таканеречните европски социјални вредности. Но, соочени со многу различни традиции – помоќни синдикати и скапи социјални држави – кај повеќето европејци исчезна таквата желба. Новиот бран корпорациски скандали во Соединетите Држави сега се заканува да го наруши кредибилетот на американскиот пазар. Лондонски Фајненшл Тајмс, весникот на меѓународните инвеститори, пишува дека скандалот со надуени сметки на Уорлдком претставува стрела во срцето на постулатите на светскиот финансиски пазар – американскиот. Загрижен за домашните политички ефекти од овие скандали претседателот Буш најави:

„Корпорациска Америка треба да сфати – постојат повисоки цели од оние обиди да се фалсификуваат бројките, да се извлече милион тука или милион таму во надеж дека тоа нема да биде забележано. Но, вие имате одговорности и јас имам намера да обезбедам почитување на законот.“

Ролф Елгети од германската Комерцбанк во врска со можноста со слични економски скандали да биде зафатена и Европа вели:

„Теоретски, ваквите работи можат да се случат насекаде и во секое време. Но мораме да имаме на ум дека пресметковниот систем во Европа е многу поинаков од американскиот. Овој систем е постриктен и лично мислам дека не можат да се случат такви работи.“

Ова мислење на Елгети околу пресметковниот систем не го дели Вилард Бери претседател на европско-американскиот бизнис совет. Тој има друго објаснување за скандалите:

„Тука луѓето го прифаќаат ризикот, што не е случај во поголемиот дел на Европа.“

вели Бери кој додава дека европските бизнисмени се против големи реформи, кои, според него, се потребни за европското стопанство со цел тоа во иднина да може да одговори на светската конкуренција. Американскиот модел, наведува Бери, е далеку од тоа да биде безгрешен, но европејците мора да се обидат да ги доведат во ред нивните социјални држави. Или, како што велат некои европски експерти, да се најде среќна средина меѓу непречениот американски капитализам и измешаните економии. „Тешко е да се најде такво место,“ - изјавува Карло Санторо од италијанско-американската трговска комора, додавајќи:„Ако е тоа можно - јас уште утре се селам таму“.
XS
SM
MD
LG