Достапни линкови

logo-print

Последни консултации пред пристигнувањето на набљудувачи од ОБСЕ


Назначувањето на првиот човек на ДИК од страна на претседателот на државава е чекор напред во исполнувањето на процедурата што води кон одржувањето на изборите закажани на 15-ти септември е едногласната оценка на меѓународните мисии во земјава кои сепак го задржуваат здивот и официјалните реакции се додека председателот на парламетот и службено не ги распише изборите.

Во меѓувреме подготовките за изборниот мониторинг забрзано привршуваат. Во земјава претстојува шефот на канцеларијата за демократски институции и човекови права амбасадорот Жерар Студман.

„Амбасадорот Студман претстојува во Скопје за подготовка на претстојната набљудувачка мисија на ОДИХР,“ – потврди портпаролот на ОБСЕ Флорин Паснику.

Станува збор за последни консултации во мисијата и со македонските претставници што треба да резултираат со доаѓање на првата група од 30 набљудувачи што во земјава ќе престојуваат до одржувањето на изборите. Тие ќе го следат предизборниот период, вклучувајќи ја и кампањата. Нивната активност ќе биде распоредена на 15 центри во земјава. На овие 30 набљудувачи еден месец пред изборите ќе им се приклучат уште 15, додека непосредно пред 15-ти септември во Македонија ќе дојдат 750 набљудувачи на ОДИХР.

Во своевидна подготовка за изборите е и НАТО мисијата во Македонија. Иако деновиве е преокупиран со ангажманот во Босна , северноатлантскиот совет на својот дневен ред сеуште го има прашањето за евентуална дополнителна помош на странските монитори што ќе бидат испратени во Македонија. Рано е за конечна одлука, но до неа секако ќе дојде велат во НАТО. Во меѓувреме задачите на Лисиците во рамките на нивниот постоечки мандат за обезбедување на мониторите се јасни. Акцент е ставен врз мобилноста на НАТО тимовите и нивното брзо пристигање до набљудувачите доколку за тоа има потреба. Немаме намера да бидеме присутни на избирачките места без причина, тоа не е добро за имиџот на земјата, но навистина сме подготвени и секој што планира инциденти ќе биде непријатно изненаден велат дипломатски извори во НАТО.
XS
SM
MD
LG