Достапни линкови

Мирјана Лазаревска Трајковска нов претседател на ДИК


Мирјана Лазаревска Трајковска е именувана за претседател на ДИК, а за нејзин заменик назначен е Сафет Алиу, соопшти кабинетот на шефот на државата откако Трајковски ја донесе одлуката што му е доставена на претседателот на совранието Стојан Андов. Очекувањата се дека Андов в петок ќе ја свика собраниската седница на која пратениците ќе ја дадат финалната одлука за останатите членови на највисокиот изборен орган.

Претходно, собраниската комисија за избори и именувања треба „да даде виза“ на останатите четврица врховни судии за членови на ДИК кои ги предлагаат СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ПДП и ДПА.

На донесувањето на одлуката за именување на прв човек на ДИК од страна на претседателот Трајковски претходеше последна консултативна средба со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски.

„Морам да ви кажам дека оваа личност не ни значи ништо, ниту ја познаваме како партија пошироко. Ниту еден во ВМРО-ДПМНЕ не ја познава таа личност за да може да каже пофални зборови или негативни зборови,“ – изјави премиерот Георгивски пред средбата со претседателот за именувањето на Лазаревска за претседател на ДИК.

Инаку, Лазаревска е е директор на дирекцијата за човекови права во МНР. Во кабинетот на претседателот велат дека Георгиевски со ист став настапил и на средбата со претседателот. Оттаму посочуваат дека консултативните средби на шефот на државата во процесот на именување на првиот човек на ДИК се израз на добра волја бидејќи тој има право самостојно да донесе одлука која личност е општо прифатена.
XS
SM
MD
LG