Достапни линкови

Мисијата во Босна продолжена за три дена


Советот за безбедност на Обединетите Нации едногласно усвои резолуција со која мандатот на мисијата на Светската организација во Босна се продолжува за три дена. Претходно, Соединетите Држави, како што најавија, ставија вето на резолуцијата со која се предвидуваше оваа мисија да биде продолжена за уште шест месеци. Од другите членки на Советот само Бугарија беше воздржана. Ветото дојде како резултат од тоа што Советот за безбедност не сакаше да го прифати барањето на Вашингтон, американските војници во составот на мировните мисии во светот да бидат изземени од надлежноста на првиот постојан Меѓународен суд за воени злосторства што денеска и официјално се востанови во Хаг.

„Ние нема да бараме од американските војници да прифатат дополнителен ризик од политизирани процеси пред судот чија јурисдикција врз нашиот народ владата на Соединетите Држави не ја прифаќа.“

изјави американскиот амбасадор во Њујорк Џон Негропонте кој додаде дека Вашингтон со жалење се решил да стави вето.

„Одлуката не е директно насочена против народот на Босна. Ќе останеме со нив во нашите заложби за мир и стабилност на Балканот.“

рече Негропонте, кој по предупредувањето на генералниот секретар Кофи Анан дека ветото сериозно ги загрозува плановите за пренесување на надлежностите на сегашната мисија во Босна врз Европската Унија што треба да завршат до крајот на годинава гласаше за тридневно продолжување на мандатот на Обединетите нации.

„Светот не може да си дозволи ситуација во која Советот за безбедност е длабоко поделен за едно вакво значајно прашање кои може да има последици врз сите мировни операции.“

изјави Анан. Доколку до среда на полноќ не се најде компромисно решение, според експертите, ќе се најде во опасност и самата способност на Светската Организација да ги продолжи мировните операции, кои, според нив, се многу важни за целата меѓународна заедница. Станува збор за уште четрнаесет мисии, меѓу нив и оние на Косово, Кипар и Етиопија. Инаку, постојаниот Меѓународен кривичен суд со седиште во Хаг ќе биде надлежен за поединци кои по денешниот ден сториле воени злосторства, геноцид и злосторства против човештвото. Тој ќе има осумнаесет судии и еден главен обвинител.

„Судот ќе дејствува само доколку правниот систем во некоја посебна земја не е во состојба или пак, воопшто не сака да го прави тоа.“

прецизира за Слободна Европа канадскиот амбасадор во Шведска Филип Кирш кој е претседател на комисијата за формирање на Меѓународниот кривичен суд. Во денешното соопштение Кофи Анан оцени дека ова претставува историска можност која на светот му дава шанса да ги спречи сторителите на идните злосторства против човештвото.
XS
SM
MD
LG