Достапни линкови

logo-print

Грдиот национализам закана за европската унификација


Група проминентни европејци деновиве упатија апел до политичарите во нивните земји да ја избегнуваат националистичката реторика. Групата е загрижена поради, како што го нарекува, „евтиниот популизам“ базиран врз старите повоени бремиња.

Грдиот национализам е реална закана за Централна Европа и за европската унификација. Бескорисно е ако само се исмејуваат клучните актери во таквата фарса. Ова е погледот на групата од двесетина познати Европејци во чија декларација предупредуваат:„гласови од центарот на континентот се закануваат да ги отворат старите рани и да ги заживеат траумите чии корени лежат во војните што се случија во минатиот век“.

Групата со именување на Адолф Хитлер и на Сталин, потсетува на убиствата што национализмот може да ги произведе. Еден од иницијаторите на декларацијата спикерот на горниот дом на чешкиот парламент Петр Питхарт вели дека тука на станува збор за обновување на национализмот во Европа што е поврзан со имиграцијата, ами за обновување на старите рани и сметки, односно за тоа кој повеќе згрешил во минатото.

„Опасноста е во тоа што по изборната кампања во Чешка се намали поддршката за нејзиниот влез во Европската Унија. Во таа кампања беа користени старите повреди и закани.“

Станува збор за односите на таа земја со нејзините соседи Германија и Австрија и познатите Бенешови декрети со кои беа протерани милиони судетски германци од Чешка. Некои политичари во Австрија дури побараа Чешка да не биде примена во Унијата додека не се реши проблемот со враќањето на имотите на протераните. Тоа предзвика бура реакции кај политичарите во Прага, па дури и барања за референдум за тоа дали чесите се за влегување во Унијата. Што се однесува до владите на земјите членки на Европската Унија, координаторот на Пактот за стабилност Ерхард Бусек вели дека тие потресени од поддршката што десничарите ја имаат кај електоратот, веќе почнале да прифаќаат некои ставови на десницата.

„Ако слушнавте што се случи во Севиља, ќе ви стане целосно јасно. Мислам дека европските влади со тенденцијата за Европска тврдина изразија наклонетост кон таканареченото радикално право.“

Експертот Михаел Шафир вели дека национализмот е многу деликатен проблем како во самата Унија, така и надвор од неа.

„На двете страни, има политичари кои се подготвени да го експлоатираат за сопствени цели. Постои и таканаречен дефанзивен национализам. Тоа е кога некој е ставен до ѕид и доведен до позиција, иако тоа можеби не го сака, да реагира националистички. Посебно тешко е да се избегне тоа во пресрет на некои избори.“

наведува Шафир, додавајќи дека најновата декларација на видните европејци може во извесна мера да придонесе за освестување кај луѓето дека нациоанлионазмот претставува вистинска закана.
XS
SM
MD
LG