Достапни линкови

Останува ли ПДП во владината коалиција?


Практиката да се биде дел од владата и истовремено да се однесува опозиционо е нелогична, но карактеристична за македонската политичка сцена кога станува збор за албанските политички партии, вели професор Гордана Сиљановска и додава:

„Мене ми е тоа непознато во историската пракса, оти се вели или сте дел од владата или сте опозиција. Не може истовремено да бидете и власт и опозиција.“

Но, специфичните околности поради кои партијата за демократски просперитет се соочи токму со ваква ситуација портпаролот на просперитетот Захир Бектеши ја објаснува со сеуште незавршената работа во кабинетот на Георгиевски.

„Ние и понатаму остануваме во владата со единствена цел пред распишување на парламентарните избори да се заокружат сите обврски кои произлегуваат од рамковниот договор. До сега не се донесени законот за патна исправа, за која цениме дека треба да има третман на личен документ што впрочем беше и предлог на владата пуштен во собраниска процедура, а не е донесен ниту деловникот. Ние ќе инсистираме и овие закони да се донесат до истекувањето на мандатот на овој состав.“

Според Бектеши познати се притисоците што ПДП ги трпи од условно кажано коалиционите партнери за да го напушти кабинетот на Георгиевски, но партијата останува во владата, бидејќи како што рече води клучни министерства и тоа не е потреба на ПДП, туку на целикупниот процес во земјата.

Најавуваното пресипитување на учеството во владата ПДП ќе го направи дури откако деловникот и пасошите ќе бидат завршена работа.
XS
SM
MD
LG