Достапни линкови

Се доведува во прашање постоењето на македонскиот народ


Во Македонија многупати не се знае кој е свештеник, а кој политичар, а тоа мешање во црковното и обратно е присутно веќе десетина години наназад, а особено нагласено сега, рече професорот Љубомир Цуцуловски од филозофскиот факултет во Скопје, коментирајќи го расколничкиот чин на Владиката Велешки Јован кој ја присоедини оваа епархија кон СПЦ. Цуцуловски посочи дека со тоа меѓу другото се погазува принципот на националност според кој се организираат сите православни цркви.

„Православието во црковна смисла се гради според националниот принцип. Така што, Гркот оди во грчката православна црква, Македонецот во македонската итн. Она што сега фактички се случува значи влегивање на МПЦ под СПЦ, а тоа значи дека се доведува во прашање и постоењето на македонскиот народ. Во таа смисла велам дека она што се случува во црквата е навистина сериозно бидејќи се нарушува еден од принципите врз кој се темели православието во организациона смисла што не е карактеристично, да речеме, за римо-католицизмот каде што без разлика на националната припадност сите припаѓаат во една иста католичка црква. Но, принципот на православието е поинаков и затоа дотолку поопаснои стануваат овие тенденции.“

Нема оправдување, рече Цуцуловски и за однесувањето на највисоките претставници на МПЦ кои молчат во ситуација кога е најпотребно да го кажат својот став. Главната одлика на христијанството – вистинољубивоста отсуствува.

„Поглаварот на МПЦ за жал сеуште молчи, наместо веднаш да реагира како прв човек на МПЦ. Имам впечаток, јас не можам да тврдам бидејќи немам информации од тој тип дека се тактизира, дека се спроведува одредена политика во согласност со некои соседни држави.“

Препознавајќи спроведување на одделна политика на одделни кругови во МПЦ во однос за прашањето за нејзиното преименување во автономна охридска архиепископија, што претаставува закана за афтокефалноста на црквата Проф. Цуцуловски исто така цени:

„Сето тоа е дел од еден многу комплексен процес кој се врти околу Македонија не затоа што мислам дека Македонија е центарот на светот и дека сме ние најбитните луѓе на планетава, но очигледно дека и креаторите на светската политика, а нив несомнено ги има тргнуваат од таму каде што најверојатно работите се најкревки и каде што може најлесно да се дестабилизира.“

Тезата дека црквата во голема мера придонела за одржување на македонската нација е во голема мера прифатлива, рече Цуцуловски.
XS
SM
MD
LG