Достапни линкови

logo-print

Да се зачува авторитетот на МПЦ, а Синодот да пресече


На чинот на преосветувањето на охридската катедрала Света Софија богослужеа седумтемина архиереи на МПЦ: Кирил, Горазд, Наум, Агатангел, Петар, Тимотеј, и Архиепископот господин-господин Стефан. Како што претходно најави, на богослужбата не присуствуваше Владиката Велешко-Повардарски Јован кој по прифаќањето за канонско единство од СПЦ и позитивниот одговор на српскиот патријарх Павле изјави дека нема повеќе да богослужи со Кирил, кој според Јован има канонски морални пречки за свештеничка служба. На литургијата во Св. Софија, денеска во Охрид ниту еднаш не беше спомнато името на Митрополитот Јован. Неговиот потпис не е ниту на повелбата за преосветување, а Архиепископот Срефан не сакаше по свеченостите да ги коментира најновите случувања во МПЦ со кои се манифестира неединството во Синодот. Расколот во МПЦ денеска не го коментираа ниту останатите Архиереи. Сепак, дел од присутното свештенство во неофицијалните разговори не го криеше револтот од потегот на Владиката Јован за кого се слушна дека и пред последниот настан со своите постапки се издвојувал од останатите митрополити.

По чинот на преосветувањето на Св. Софија, изјава за новинарите даде и Премиерот Љубчо Георгиевски:

„Јас тука можам да ви одговорам како верник, а тоа е дека очекувам Синодот на МПЦ што поскоро да се собере и да пресече и да каже што во оваа конфузија и забуна што е создадена пред македонските граѓани и верници. Во таа насока, она што го посакувам е навистина само Синодот што поскоро да го одржи својот собир и да им каже на сите верници по кој правец да тргнат. Инаку, јас како верник не можам ништо друго да кажам освен дека во ова време сите ние треба да се погрижиме да го задржиме авторитетот на Синодот на МПЦ, авторитетот на Архиепископот и како верници да ги почитуваме основните канонски правила Синодот да го каже правецот, а ние ќе го поддржиме тоа што тие ќе го пресечат.“

За деновиве е најавена седница на светиот Синод на МПЦ. Во меѓувреме останува да се види дали Владиката Јован ќе ги реализира најавите дека во иднина нема да созлужува заедно со Архиереите кои денеска богослужеа заедно со Владиката Кирил. Во прилог на неговото практично демонстрирање на отцепувањето од МПЦ одат и информациите што денеска пристигнаа во Охрид за наводна порака од Владиката Јован дека и да остане и со само еден верник, неговата отцепена епархија е единствената призната од СПЦ и светските православни цркви.
XS
SM
MD
LG