Достапни линкови

Договор меѓу ССМ и Владата сеуште нема


На една недела пред почетокот на исплатата на зголемените плати во јавната администрација конкретен договор меѓу Синдикатот и Владата сеуште не е постигнат. Крајниот исход го очекуваат околу 70,000 административци. Од Владата велат, поместување понагоре од предвидената маса финансиски средства за зголемување на платите не може да има. Синдикатот одговара, списокот на вработените што го поседува правната служба на ССМ е поголем од оној на Владата со што се јавува недостиг на средсва за покривање на планираното зголемување. Ова е и главната причина што сеуште нема договор за тоа колку ќе изнесува зголемувањето на платите по работник во одделен сектор од јавната администрација.

„Би требало да ја убрзаат процедурата, се е во нивни раце,“ - вели Симо Силјановски претседател на синдикатот за здравство.

Од ССМ се обидуваат да ја смират топката со констатација ако не за една, за три недели би требало да пристигне предвиденото покачување.

„Не е ништо страшно ако некој ден се задоцни. Да речеме, ако платата се дели до десетти, да се дели до 13-ти,“ – е ставот на Пеце Груевски од синдикатот на управата.

Од предвидените 15 милиони евра колку што до крајот на годината Владата е подготвена да издвои за зголемување на платите во јавната администрација здравството ќе добир четири милиони евра или процентуално, платата во овој сектор би се зголемила од 10 до 11 проценти по работник. Најавите дека зголемувањето на платите во некои сектори ќе достигне и до 45% од ССМ ги отфрлаат како преоптимистички. Тие објаснуваат, може да има и такви случаи, но тоа ќе бидат ретки исклучоци.

„Може да има толкаво зголемување, но тоа ќе биде многу малку, да речеме на десет илјади луѓе еден човек може да добие,“ – вели Атанасовски.

Преговорите со Синдикатите за здравство и образование започнаа во петокот, од Синдикатот за одбрана не се задоволни од масата средства за золемување на платите во овој сектор. Од Синдикатот на управата пак велат дека сеуште не знаат дали предвидените шест милиони евра ќе бидат доволни за зголемување на платите за вранотените во управата.

На крајот, за да се реализира најавеното зголемување неопходно ќе биде пратениците во Собранието да го изгласаат ребалансот на буџетот каде расходната страна е зголемена за 50 милиони евра. Барем до сега, оваа точка сеуште не е ставена на дневен ред.
XS
SM
MD
LG