Достапни линкови

Употребата на јазикот и натаму ќе се користи во дневно-политички цели


Употребата на албанскиот јазик е прашање што се користи и ќе продолжи да се користи во дневно политички цели. Амандманот 5 е контроверзен и недоречен. „Како и други прашања, коишто се делумно недоречено или контроверзно решени со договорот од Охрид, таков е случајот и со прашањето на употребата на јазикот. Многу е лошо што употребата на јазикот дојде како дел од еден ваков договор наместо да биде нормално разрешена т.е. нормално достигнато одредено ниво на донесување соодветни одлуки преку демократските процедури,“ – вели Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. „Имам впечаток дека употребата на јазиците и посебно употребата на албанскиот јазик е отворено и оставено како отворено прашање единствено со цел да можат во секој момент да се предизвикаат одредени тензии. Односно да може да се употреби или злоупотреби со политички цели.“

Имено, во согласност со уставните промени ќе треба да се интервенира во 250 закони. „Секое донесување ќе биде земјотрес за нашата земја. Ќе се појават проблеми во законите за образование, во законите коишто ги штитат правата на потрошувачите, да речеме во однос на јазиците на коишто се испишани етикетите и слично. Ќе се појави проблем на секој најситен момент и според мене намерно е оставено тоа да постои како отворен проблем и отворена рана со цел да може да се манипулира со гласачкото тело.“

Оттаму Најчевска говори за потребата од концепирање на еден основен Закон за употреба на јазиците. „На тој начин би се избегнало дневно политичкото решавање, конфузно решавање и многу контрадикторно решавање на проблемот во различни документи, акти и закони. Допрва нас не чека проблемот на утрвдување на различните начини и потоа разрешување на контрадикторностите на различните репенија во одделни закони. Имено, ако не постои генерално решение, генерален став, во секој закон можеме на различен начин тоа да го решаваме.“ – заклучува Најчевска.
XS
SM
MD
LG