Достапни линкови

Македонци од Албанија на скопските пазари


Авто – стоп по патиштата како начин на живот за да се преживее. Релацијата - долга. Албанија – Македонија. Се патува од утро до вечер.

„Во седум тргнуваме од граница, стигнуваме во девет часот навечер.“

Тоа е особено мачно кога си на старост од 70 години. Ама треба да се заработи за да се закрпи по некоја дупка на облеката на внуците - оти одат парталави на училиште, раскажува една ситна старица од Пустец која изутрина пристигна на еден од пазарите во Скопје со својата голема торба со ефтини дребулии.

„Продаваме маслиново масло за 100 денари“

По 100 денари за 5 шишиња маслиново масло е мала заработувачка а старицата од Албанија има големи планови за своите внуци. Вели не сакам да останат неписмени како и повеќето Македонци во Албанија кои немаат пари за да им платат на децата да одат на училиште.

„Сакам да го запишам внучето тука, ако имам пари ќе го пуштам и во Тирана, ама нема пари. Еве вака се мачам на стари години.“

И една друга помлада жена е водена од истатата намера - да обезбеди пари за да го школува својот син – на пазарот во Скопје е веќе една недела.
Торбата со сушени риби што ги продава по 50 денари за еден килограм се празни бавно.

„Сушени се и ние исто како нив сме сушени, со нив живееме и исушени сме како нив.“

Но и покрај тешкиот живот оваа жена е една од оние кои со постојана насмевка го прикриваат своето вистинско расположение. Таа знае дека физичката работа не е соодветна за дете од 9 години, но во нејзиното семејство секој член мора да се снаоѓа.

Во Албанија нема работа ниту приватна ниту државна ги крева рамениците еден средовечен маж.Селото каде што живее е планинско па за земјоделие тешко може да стане збор.Тој денеска на пазарот во Скопје го продаде последното шише албански коњак на еден скопјанец.
Купувачот кој го одбра неговиот производ е задоволен од повеќе причини

„Купувам затоа што сакам да им помогнам“

Продавачот од Пустец по 10 дена колку што беше на пазарот во Скопје вечерва ке отпатува дома кај своето семејство.Не дека не сака да зборува за себе и животот во Албанија на радио, туку сакал вели да се изразува со убав писмен стил ама за тоа не бил школуван, рече овој релативно млад човек.
XS
SM
MD
LG