Достапни линкови

Прв неформален состанок на комитетот за сукцесија на СФРЈ


На денешниот прв неформален состанок што земјите учеснички во процесот на сукцесија на имотот од поранешна СФРЈ го одржуваат во Скопје се очекува, да се отворат сите досега спорни прашања кои го попречуваат нормалниот процес на распределба на имотот. Повод за овој неформален состанок е немоќта на преговарачките тимови, и по десет годишни преговори да дојдат до заедничко решение. Се работи за прва средба на ниво на владини преставници, за разлика од досегашните кои ги водеа вице- гувернерите на народните банки на овие земји.

Најспорното прашање на кое ќе се побара одговор е каде исчезнаа парите од осумте мешовити банки. Од 645 милиони американски долари со кои располагале овие финансиски институции лоцирани се само 58. За 597 милиони долари , колку што недостигаат во прокнижената маса на финансиски средства ќе мора да одговараат нивните сопственици, велат од македонскиот преговарачки тим.

Неофицијално прстот е вперен кон поранешна СР Југославија. Доколку овие средства се одлеани од банките во времето кога во сила беше ембаргото за располагање со капиталот на овие мешовити банки, во тој случај се работи за меѓународен криминал , кој ќе биде санкциониран според одредбите впишани во меѓународното право, коментираат извори од македонската делегација. Она што може со сигурност да се потврди е дека ниедна од овие банки повеќе не функционира.

Македонската делегација ќе ја предводи вице-премиерот Зоран Крстевски од чиј кабинет најавуваат дека Македонија, ќе ја заземе улогата на олеснувач меѓу земјите сукцесори , што нема да значи дека преговорите би се воделе на штета на македонската страна , односно ќе се инсистира на запазување на веќе уврдените проценти на распределба на имотот кој се дели. Од вкупната маса која ќе треба да се распредели , како имот на поранешна СФРЈ , предвидено е Македонија да добие 7.5%, освен во делот на дипломатскиот имот, каде процентот на делба изнесува осум насто. Од досегашниот процес на сукцесија Македонија ја има добиено амбасадата во Париз и 75 милиони американски долари на име распределба на златните шипки од банката од Базел.
XS
SM
MD
LG