Достапни линкови

Грција е за неповредливоста на границите и ги поддржува балканските земји за влез во ЕУ и НАТО


Грција има две основни начела во политиката во однос на регионот, рече грчкиот министер за одбрана Јанос Папантониу по разговорите со својот македонски колега Владо Поповски. Првото е дека таа ја почитува неповредливоста на границите на Балканот И пошироко, бидејќи каков било обид за нивна промена би влијаел дестабилизирачки. Во тие рамки Грција го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија. „Грција верува дека решавањето на проблемот со името ќе биде уште еден чекор напред кон стабилноста и развивањето на добрососедските односи. Атина сака за ова прашање да се изнајде позитивно решение, но за тоа е потребна согласност од двете страни,“ - нагласи грчкиот министер. Второто начело е поддршка на сите балкански земји за нивно вклучување во ЕУ и во НАТО, како битен фактор за нивен развој и за стабилизација на регионот, рече Папантониу. Тој ја понуди помошта од Атина за прилагодување, односно реорганизација на македонската армија кон НАТО стандардите. Грчкиот министер ги поздрави напорите на македонските власти за спроведување на охридскиот договор, подвлекувајќи дека вклучувањето на албанското население во политичкиот живот ќе придонесе за стабилизација и мир.

Министерот Поповски, пак, ја нагласи потребата од зголемување на билатералната соработка на воен план. Во таа насока е предвидено македонски офицери да се Школуваат во воени школи во Грција, а ќе учествуваат и во мировни операции на Грчката армија во светот. Од друга страна, грчки инженериски единици би помогнале во обновувањето на разурнатите куќи во регионите на нашава земја каде што имаше воени дејствија.
XS
SM
MD
LG